Русковска објасни што значи „ќе ве истресам од гаќи“

Oбвинителството и Советот на јавни обвинители не излегоа со став по писмото кое го испрати обвинителката Рускоска, а пред два дена обвинителството се огради од СМС-пораката, но процени дека се работи за моментално разочарување од одлуката за домашен притвор на ексшефицата на СЈО

138

Обвинителката Вилма Русковска преку писмо, на неколку страни му објасни на државниот обвинител Љубомир Јовески што сакала да каже со пораката „ќе ве истресам од гаќи со финансиска истрага“, која ја испрати до еден од тројцата судии во Апелацискиот суд кои одлучувале за куќниот притвор на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, осомничена во „Рекет“. До затворањето на весникот Обвинителство не излезе со став по писмото кое го испрати обвинителката Рускоска, а пред два дена Јовески се огради од СМС пораката, но процени дека се работи за моментално разочарување од одлуката за домашен притвор на ексшефицата на СЈО.

Русковска писмено објаснување испратила и до Советот на обвинители кој исто така, до затворањето на весникот, не излезе со став.

Претседателот на Советот за јавни обвинители, Ацо Колевски, во изјава за Фокус, рече дека Советот побарал изјава од Русковска, но оти законски, тие не можат да утврдуваат одговорност.

„Ние можеме да заземеме само заклучок или правен став во однос на настанот. Утврдувањето на одговорност е посебна постапка, Советот во овој момент нема такви законски ингеренции. Доколку има одговорност, постапката ја покренува државниот јавен обвинител, треба дисциплинска комисија или етичкиот совет да расправа, ние одлучуваме после дисциплинската постапка по жалба. Ние сме крајна инстанца при носењето на одлуката, не сме иницијатори или предлагачи за спроведување на постапка за одговорност“, објаснува Колевски.

Пораката на Русковска дека ќе отвори финансиска истрага против судиите кои одлучија Jанева да замине во домашен притвор била испратена до судијата Јани Нича.

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, пишувало во пораката испратена од Русковска.

Пораката предизвика бура во судските кругови, но дел од фелата не гледа никаква закана во зборовите на Русковска.

-Тоа не е закана, тоа е мисла дека треба веќе некој во Македонија да застане на страната на правото, односно доследно да се донесе одлука, а не судот да донесе сопствено мислење. Од тие причини, ваквото одлучување, нашето судство ја изгуби довербата и јавноста повеќе нема доверба во одлуките кои ги носат судиите. Мислата не е закана, одлука за отпочнување на дејствие, а не дејствие кое може да направи дело, вели адвокатот Туше Гошев во интервју за тв24.

Според адвокатот Александар Новаковски, кој е бранител на Зоран Милевски – Кичеец, второобвинет во „Рекет“, закана во пораката нема.

„Не гледам закана во СМС-пораката на обвинителката Вилма Русковска до судиите во Апелација. Има еклатантни примери за кршење на законот од страна на судии. Кај нас има многу чесни судии кои судат во првостепен суд, но има и многу привилегирани судии, не зборувам за овие судии од Уставен суд“, вели Новаковски.

Преписката меѓу Рускоска и Апелација е прва од ваков вид и предизвика големо внимание во правната фела.