Рускиот фонд за „црни денови“ дополнет со 3,4 милијарди долари – сепак, банкрот за 30 дена?

3657

Русија го зголемила фондот за „црни денови“ на својата со санкциите погодена економија, за 3,4 милијарди долари од почетокот на војната во Украина.

Но, и покрај тоа, Русија се приближува кон прв случај на неплаќање долгови уште од 1998 година, пишува „Фајненшел тајмс“.

Официјална Москва денеска објави дека ќе пренасочи дополнителни 273,4 милијарди рубљи (3,4 милијарди долари) во својот фонд за „црни денови“, од кои 271,6 милијарди рубљи потекнуваат од приходите од продажбата на гас и на нафта добиени во првиот квартал од годинава, пренесува весникот.

Дополнителните пари, меѓудругото, ќе се користат за „воведување на мерки чија цел е зачувување на економската стабилност во контекст на меѓународните санкции“, наведуваат од руската Влада.

Руското стопанство годинава најверојатно ќе се намали за 10 проценти, според прогнозите на економските аналитичари. Но, и покрај тоа, приходите од извозот на суровини и строгата контрола на капиталот и помогнаа на Русија да ја стабилизира валутата и да спречи финансиски колапс иако е соочена со жестоки санкции од земјите од Западот и нивните сојузници.

Сепак, независната рејтинг куќа S&P овој викенд го намали рејтингот на Русија на ниво „селективен банкрот“, откако официјална Москва објави дека последната транша од долгот кон странските обврзници ќе ја плаќа во рубљи, иако тие се  деноминувани во долари.

Русија ги исполнувала своите обврски по доларските обврзници од почетокот на инвазијата наспроти очекувањата на многу инвеститори дека санкциите и контролата на капиталот ќе ја однесат Русија во прв банкрот по 1998 година.

Минатата недела Русија требало да исплати 84 милиони долари купоби и 552 552 милиони долари за доспеани обврзници за наплата, за кои понудила плаќање во рубљи наместо во долари, после што американските власти им забраниле на банките во САД да спроведат такво плаќање.

Официјална Москва сега има 30 дена грејс период да им ги испорача парите на инвеститорите пред да биде прогласен банкрот, што според аналитичарите е тешко да се оствари.

„Моментно не очекуваме дека инвеститорите ќе бидат во можност да ги конвертираат тие плаќања во рубљи во доларски еквивалент во оргиналните износи, или дека владата ќе ги конвертира тие плаќања во рок од 30 дена“, наведува S&P.