Рускиот Мекдоналдс урива рекорди: На денот на отворањето продадени 120.000 бургери

127

Биг Мек и МекФлари можеби повеќе не се на менито во рестораните кои го заменија Мекдоналдс во Русија, но новата компанија има амбициозни цели за понатамошен бизнис откако продаде рекордни 120.000 хамбургери на денот на отворањето, изјави нејзиниот извршен директор за Ројтерс.

Мекдоналдс го прекина својот бизнис во Русија поради инвазијата на Москва на Украина, а своите ресторани ги продаде на друг сопственик во мај. Под новото име „Вкусно и точка“, 50 ресторани во и околу Москва беа отворени на 12 и 13 јуни.

Извршниот директор Олег Пароев сака да отвори ресторани и на други локации. Како што тврдеа при отворањето на новите ресторани, опремата останала иста, а малку е променет и рецептот по кој се подготвува храната. Илјадници луѓе кои дојдоа на отворањето на плоштадот Пушкин во Москва, го поздравија новото лого, шема на бои и пакување храна, пренесува Ројтерс.

Првиот ден продадовме речиси 120.000 хамбургери“, рече Пароев. „Никогаш досега не сме виделе таков дневен сообраќај“,  додаде тој.

Рестораните „Вкусно и точка“ се решени да го задржат квалитетот на производите како и досега, иако зачувувањето на познатиот вкус е предизвик, рече Пароев. Иако 99 отсто од производите доаѓаат од руски добавувачи, Пароев рече дека „значителен процент“ од состојките доаѓаат од странство, што сега е комплицирано поради санкциите и прекините во синџирот на снабдување.