Русија повторно ја ослободува Европа од фашизам (ФОТО)

222

Една од најуспешните гимнастичарки на сите времиња, Русинката Светлана Хоркина (43), изјави дека Русија повторно ја ослободува Европа од фашизмот, алудирајќи на рускиот напад врз Украина.

Нејзината изјава ја пренесоа сите европски медиуми, оценувајќи дека од неа се очекувало такво нешто, бидејќи има чин полковник во руската армија.

  • Повторно поддржете ги руските војници кои ја ослободуваат Европа од фашизмот, напиша Хоркина на „Твитер“.

Двократната олимписка шампионка исто така е вознемирена поради дисциплинската постапка против Иван Куљак, откако Независната фондација за гимнастичка етика најави дека ќе отвори постапка против рускиот гимнастичар кој за време на доделувањето медали во Пекинг излезе во облека на која имаше буква „З“, која ја носи руската војска во текот на специјалната операција во Украина.

  • Нека се занимаваат со останатите кршења на правата кои беа во Доха. Прочитајте го интервјуто со Радионенко. Мора да гледаме пошироко. На што се фокусираа? На Русија? Тие ништо не забележуваат, освен нашите спортисти, истакна Хоркина за рускиот портал „Спорт-Експрес“.

Светлана Хоркина во својата десетгодишна кариера има освоено девет олимписки медали, од кои два златни, како и девет светски и 13 европски одликувања. По успешната спортска кариера, таа ја имаше улогата на потпретседател на Руската гимнастичка федерација, беше ТВ-коментатор, а извесно време и пратеник на партијата Обединета Русија на Владимир Путин.