Русија го „возвраќа ударот“: Контрасанкции за 48 земји

3542

Русија возврати на санкциите поради инвазијата на Украина, забранувајќи извоз на голем број производи во некои земји до крајот на годината.

Министерството за економија на Русија соопшти дека извозот на телекомуникациска, медицинска, земјоделска, автомобилска и електрична опрема, како и на некои шумски производи како дрво, е забранет до крајот на 2022 година, пренесува Би-би-си.

Дополнителните мерки може да вклучуваат забрана за пристап на странски бродови до руските пристаништа, соопшти Министерството.

Во соопштението се вели дека мерките се „логичен одговор на оние наметнати на Русија“ и ќе влијаат на 48 земји, вклучувајќи ги ЕУ и САД.

Министерството додаде дека забраните за државите кои „извршиле непријателски дејствија“ против Русија „имаат за цел обезбедување непречено функционирање на клучните сектори на економијата“.

Рускиот премиер Михаил Мишустин изјави дека забраната ќе го опфати извозот на стоки од странски компании кои работат во Русија. Овие стоки вклучуваат автомобили, железнички вагони и контејнери.

Претходно поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев предупреди дека имотот во сопственост на западните компании кои се повлекле од Русија може да се национализира.

Странските компании масовно ја напуштаат Русија или ги суспендираат инвестициите, вклучувајќи ги гигантите како Caterpillar, Rio Tinto, Starbucks, Sony, Unilever и Goldman Sachs.

Рускиот парламент во средата усвои закон со кој се прави првиот чекор кон национализација на имотот на странските фирми што ја напуштаат Русија.