Рускиот суд изрече парична казна за социјалната мрежа Фејсбук во висина од шест милиони рубљи, односно 81.350 долари, а апликацијата за пораки Телеграм со 11 милиони рубљи бидејќи не отстраниле противзаконска содржина. Овој спор е нов судир на Русија со големите технолошки компании, пренесува Хина.

Москва во изминативе неколку месеци презеде чекори за регулирање и за ограничување на моќта на социјалните мрежи и технолошките гиганти, изрекувајќи им помали казни за недозволени содржини, истовремено настојувајќи да ги принуди странските компании да отворат свои претставништва во Русија.

Од московскиот суд во округот Тагански информираа дека на фејсбук му е изречена казна од шест милиони рубљи за два различни административни прекршоци на основа на обврската на сопственикот на интернет платформите, да брише недозволени информации.

Телеграм е казнет за три прекршоци, информираа од судот. Фејсбук и Телеграм засега не ги коментирале пресудите од Москва.

Се очекува рускиот суд деновиве да донесе пресуда и за две слични пријави против Твитер.

Русија во април го казни Твитер со 118.000 долари, поради одбивање на барањето за бришење на твитови кои ги повикуваа младите на протести против апсењето на критичарот на Кремаљ, Алексеј Навални, во средината на јануари. Оттогаш содржините на Твитер во Русија споро се вчитуваат.