Русе Арсов се повлече од функцијата в.д. директор на МКЦ

76

Русе Арсов денес соопшти дека се повлекува од функцијата вршител на должност – директор на Јавната установа „Младински културен центар“.

„По три ипол години,  премногу љубов, страст и жар – не издржа срце јуначко, па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција. Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50%“, се вели во соопштението на Арсов.

Притоа, тој потсетува на сите проекти кои во последните три и пол години ги  реализираше со МКЦ.

„Најубавите кинопроекции на кров на ГТЦ, во Парк, на Езерце, а го направивме и најголемото кино на отворено со проекцијата на ‘Исцелител’ во Градски парк. Отворивме нова градска летна сцена во Паркот МКЦ, отворивме три графити и стрит арт галерии, а цртавме мурали и во Ибни Пајко. Ја поведовме иницијативата ‘Култура во време на корона’, која беше пример и поттик и за другите регионални метрополи, МКЦ стана членка на ФИАФ, стана членка на Лајвјуроп. Беше дел од уште неколку европски проекти и програмски соработки, а беше домаќин и на Урсула фон дер Лајен. Секако ги реализравме фестивалите, МОТ, Синедејс, Здраво Млади…  Ги реновиравме и тоалетите во МКЦ. Само во 2021 и МКЦ покрај пандемијата имаше преку 650 реализирани настани. Пополека стануваме препознатливи и по поддршката на независната театарска сцена… Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта…“, се истакнува во соопштението.

Арсов посочува и дека додека се случувале убавите работи, институцијата четри години континуирано се дружела и со финансиката полиција, и со јавното обвинителство, и со разни ревизии. „Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани. И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета! Затоа -ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет – Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам…“, додава Арсов.

Тој истакнува и дека се повлекува само од функцијата вршител на должност – директор. „Но останувам во МКЦ, имам уште еден одличен повод за тоа – да помогнам заедно да го направиме јубилејот кој толку гордо го чекаме – 50 години МКЦ“.

Му порача на следниот директор на МКЦ да не се грижи и го охрабри со зборовите дека МКЦ не е загубар.

„МКЦ и покрај пандемијата, кога сериозно беа намалени приходите од влезници и производи, и кога сериозно беа намалени дотациите за режиските трошоци, успеа со максимум од своите можности да ја даде својата поддршка на целата независна сцена – и на крај повторно да ги плати сите свои сметки и да забележи позитивно финансико работење. Па така, во следната јубилејна година да пренесе сопствени средства во висина од 4.000.000 денари, и уште толку се’ уште ненаплатени побарувања. За оние кои раководат културни институции јасно им е дека ова е сума за почит, на што сме посебно горди“, додава Арсов во соопштението.

Тој на крај се заблагодари на сите колеги кои и покрај сите притисоци успеале да останат најголеми професионалци, како и на сите соработници, гости и пријатели, кои јавно ја давале својата поддршка на работењето на МКЦ.