Роџер Ино, пијанист и композитор од Англија, завчеравечер заедно со македонскиот музичар, композитор и диригент Џијан Емин, приредија концерт за сите сетила. Авторските композиции од опусот на Ино, чиј фокус е музика што создава атмосфера, аранжирани од страна на Емин за оркестар на Филхармонија, како и личните композиции на нашиот композитор, речиси час и половина ја носеа публиката на патување низ просторот и времето.

Мултимедијалниот настан беше испреплетен и со соло-изведби на овој светски познат британски музичар, но и со рецитирање на неговата поезија.
Музиката пак, која е одлична „заднина“ за визуелните уметности, беше надополнета и со видеа кои се емитуваа во заднина.

На самиот почеток Роџер Ино го претстави на публиката својот клавир, стар 50 години, а имавме можност на видеото да видиме и „кремирањето“ на клавирот со што се прости од него, нормално проследено со музика. Очигледно задоволен од соработката со македонскиот музичар, чие познанство во суштина е многу кратко, а нивното прво видување било на Зум, на средината од концертот посочи дека Џијан Емин завршил одлична работа. Истовремено се пошегува и дека оркестарот и Емин „го издржале“ и повеќе од неговата сопруга.

Пред почетокот на концертот, во фоајето можевме да ја проследиме и изложбата „Посветло отколку без светлина“ на уметникот Стефан Шашков, чии дела беа инспирирани токму од музиката на светски познати музичари меѓу кои и Роџер и Брајан Ино, Харолд Бад, Џон Хаел…

Инаку, за значењето на британскиот музичар Роџер Ино во светски рамки зборува и фактот дека е номиниран за наградата БАФТА, а кариерата ја започнува работејќи со својот брат Брајан на саундтракот за филмот „Дина“ на Дејвид Линч, додека неговата музика подоцна се јавува и во филмови како повеќекратно наградуваниот „Треинспотинг“ на Дени Бојл, „Девет и пол недели“ на Адријан Лин и „Лудачка кошула“ на Џон Мејбери… Од страна на сер Тревор Нан бил одбран да компонира музика и за извонредната продукција на „Предавство“ на Харолд Пинтер во лондонскиот Кралски национален театар.

Роџер Ино е свестран уметник, па неговите инсталации се претставени и во британската галерија „Тејт“, на Фринџ фестивал во Олдборо, во Словачка и Австрија, во Ноќниот музеј во Источна Англија, како и во разни изолирани средновековни цркви. Како соло-изведувач, Роџер има настапувано во својата родна Британија, како и низ Европа, САД и Јапонија. Локациите се најразлични, од пештери во Ланцароте, шатори на врнежливи англиски фестивали, неговиот локален театар и во концертната сала „Квин Елизабет“… (Д.Т.) Фото: П. Стојановски