Рохинџа бегалците бараат отштета од 150 милијарди долари од Фејсбук

50

Стотици Рохинџа бегалци, муслиманско племе од Мјанмар, ја тужат социјалната мрежа Фејсбук поради ширење говор на омраза против нив. Во САД се поднесени колективни тужби со барање за отштета од 150 милијарди долари, јави Би-Би-Си.

Тужителите тврдат дека една од најпопуларните социјални мрежи толерирала вербално насилство врз ова загрозено малцинство и со години дозволувала ширење омраза и опасни невистини на нивна сметка.

Колективната тужба ја обвинува компанијата на Марк Закерберг дека е подготвена да тргува со животите на Рохинџа бегалците со цел да навлезе на пазарот во Мјанмар. Во прилог на тоа се наведуваат некои соопштенија во кои директно се повикува на уништување на припадниците на Рохинџа, како на пример „полијте ги со гориво и запалете ги, за побрзо да се сретнат со Алах“.

Би-Би-Си имал увид во писмото напишано до Фејсбук од британска адвокатска канцеларија во име на Рохинџа припадниците, во кое се наведува дека алгоритмите на социјалната мрежа поттикнуваат говор на омраза против таа етничка група.

Фејсбук има повеќе од 20 милиони корисници во Мјанмар, за кои оваа мрежа е еден од главните извори на информирање. Американската компанија пред три години призна дека не направила доволно за да го спречи ширењето на говорот на омраза против ова муслиманско племе.