Руската државна нуклеарна корпорација Росатом призна дека во експлозијата која се случи во четвртокот на полигонот за воени тестирања во регионот Архангелск имало нуклеарни елементи.

„До пожарот и експлозијата во нуклеарната постројка на руската државна компанија Росатом во Северодвинск дојде за време на ракетно тестирање на платформа во море“, соопшти прес службата на таа корпорација, наведувајќи дека информацијата за загинатите работници ја објавиле дури откако завршила потрагата по преживеаните.

„Ракетните проби се изведени на платформа во море. По завршувањето на пробата се запали ракетно гориво, а потоа дојде и до експлозија“, се наведува во соопштението, каде се додава дека експлозијата отфрлила во море неколку членови на тимот и оти постоела надеж дека ќе бидат пронајдени живи.

„Вестта за смртта на петмината вработени во Росатом, кои работеа на извор на радио изотопска енергија во склоп на ракета, соопштена е по завршувањето на потрагата“, се потенцира во соопштението.