Најдобриот снукер играч Рони О‘Саливен се најде на удар од страна на претседателот на Светскиот снукер, Стив Досон.

Досон изјави дека седумкратниот светски шампион му штети на овој спорт со неоснованите критики. Тој додаде дека треба да биде вистински амбасадор на својот спорт, како Рори Мекилрој и Роже Федерер.

Еден од најголемите снукер играчи на сите времиња за „Спортсмен“ изјави дека снукерот никогаш не бил во полоша ситуација, нарекувајќи го спортот „евтин“ и велејќи дека играчите се плашат да зборуваат за тоа.

  • Снукерот е поголем од кој било играч. Рони е фантастичен играч и легенда на нашиот спорт, но понекогаш оди предалеку со своите неосновани коментари. Тој често го споредува снукерот со голфот и тенисот. Тој треба да се однесува како пример за останатите и да го воздигнува спортот како што тоа го прават Мекилрој и Федерер, истакна Досон, а пренесе „Би-би-си“.

Во интервјуто О‘Саливен ги критикуваше луѓето кои го водат снукерот. Тој рече дека спортот погоден од скандалот со наместени натпревари во последните месеци е во многу лоша состојба и „надвор од секоја криза“ и предложи раководството да се повлече. Тој го критикуваше намалувањето на бројот на професионални турнири и наградни фондови што се нудат, па дури и се залагаше за идејата за штрајк на играчите за да се направат сериозни промени.

О‘Саливен изјави дека луѓето што го водат спортот „не се најпаметните“ и дека снукерот „го изгубил својот шарм“ и станал спорт кој се игра во пабовите.

Од друга страна, Досон додаде дека има многу индивидуални спортови каде паричната награда е значително помала од снукерот и потсети дека оваа сезона на секој играч му се гарантираат 20.000 фунти како поддршка за трошоци и развој на кариерата.

О‘Саливен следниот месец ќе ја брани светската титула на претстојниот турнир во Шефилд, а доколку дојде до трофејот ќе стане рекордер со осум светски шампионски титули.