Роналдо треба да биде шлаг на тортата

114

Дали може да ја замислите акцијата во која Кристијано Роналдо го предводи контранападот, го погледнува распоредот на тимските колеги кои трчаат кон противничкиот гол, а веќе во следната секунда топката која му ја има додадено јунакот од ЕП 2020, Џанлуиџи Донарума, завршува во нозете на Килијан Мбапе кој потоа му асистира на Неимар. Звучи нереално, но, можно е баш таа акција да ја гледаме многу брзо на телевизиските екрани.

Вистински мал, можеби не толку мал, но „фудбалски тим од соништата“ создава францускиот гигант ПСЖ. Финансиран со богатството на газдата од Блискиот Исток, тимот на „Паркот на принцовите“ веќе го ангажираше репрезентативниот голман на Италија, Џиџи Донарума, потоа легендарниот капитен на Реал (М), Серхио Рамос, репрезентативецот на Холандија, Џими Вајналдум, офанзивниот бек Ашраф Хакими, а следна мета е Португалецот од редовите на Јувентус, Кристијано Роналдо.

Францускиот весник „Л’Екип“ пишува дека клупските челници сакаат и така ѕвездениот тим да го засилат со најдобриот играч во таборот на „старата дама“. Роналдо има договор со Јувентус до 2022 година, но не крие дека е расположен за трансфер во некој друг клуб кој има поголема амбиција од таа на италијанскиот калчо гигант.

Големата финансиска криза, која настана поради пандемијата со коронавирусот, ги принуди раководните лица на Јувентус сериозно да ги разгледаат сите понуди кои се наменети за португалскиот интернационалец. Истиот извор тврди дека интерес за услугите на Роналдо покажале и раководните лица на каталонскиот гигант Барселона, но ПСЖ е во предност.

„Светците“ се подготвени во обратната насока да го испратат аргентинскиот интернационалец Мауро Икарди кој со години е голема желба на челниците на „старата дама“. Доколку дојде до реализација на најавената размена, тогаш ќе бидеме сведоци на акцијата која ја предводи Роналдо, кој потоа му асистира на Мбапе, а Неимар ја крунисува со погодок.

Тоа ќе биде така освен ако Роналдо не реши тоа да го направи во свој стил.