Роналдо откри како бил избркан од „Ноу Камп“

329

Луис Назарио да Лима Роналдо, кој е познат и како вистинскиот или бразилскиот Роналдо, најпосле ја отвори душата и откри зошто си заминал од редовите на каталонскиот гигант Барселона.

Роналдо во сезоната 1996/97, откако пристигна од редовите на холандскиот прволигаш ПСВ, на 37-те одиграни натпревари во дресот на Барселона, постигна 34 погодоци. Сепак, и покрај големиот број на постигнати погодоци, тоа беше единствената негова сезона на „Ноу Камп“.

  • На крајот од сезоната потпишав нов договор со Барселона и веднаш заминав со националниот тим. Пет ден подоцна добив телефонски повик од клупските челници кои ми кажаа дека сепак не можат да ги прифатат претходно договорените услови во новиот договор. Јас сакав да останам на „Ноу Камп“, но раководните лица на Барса не беа свесни колку јас вредам. Бев принуден да си заминам, изјави Роналдо.

Неколку недели подоцна, Роналдо беше продаден на италијанскиот калчо гигант Интер и тоа за тоа време рекордни 27 мил. долари. Бразилецот пет сезони го носеше дресот на „нероазурите“, но неговиот престој на „Џузепе Меаца“ најмногу ќе биде запаметен по тешките повреди на двете колена. Во 2002 година Роналдо беше продаден на шпанскиот гигант Реал (М), а освен тој на „кралскиот клуб“, Бразилецот го има носено и дресот на Милан, Крузеиро и на Коринтијанс.

Иако има освоено многу трофеи, со репрезентацијата на Бразил ја освои светската титула во 1994 и во 2002 година, Роналдо никога го нема освоено пехарот во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. Во 2007 година Милан славеше во ЛШ, но Роналдо, кој во тоа време беше дел од италијанскиот калчо гигант, немаше право да игра во ЛШ, затоа што пристигна на „Сан Сиро“ за време на зимскиот преоден рок и во првиот дел од сезоната играше во ЛШ како фудбалер на Реал (М).