Романот „Осмото светско чудо“ на Јордан Плевнеш промовиран во САД

130

Македонскиот писател и драматург Јордан Плевнеш во Писателскиот центар во Бетезда во Вашингтон го претстави англиското издание на неговиот роман „Осмото светско чудо“. Романот, напишан во 2006 година, е издаден на повеќе светски јазици и ова е негово првo издание за англиски јазик, во превод на Вил Фирт. Издавач е „Пламен прес“.

„Дејството на романот се случува во Берлин во 1989 година, во периодот пред падот на Берлинскиот ѕид. Затоа е мошне пригодно што промоцијата (на англиски јазик) на ова издание го правиме среде чествувањата по повод 30-годишнината од овие настани, увертира во крајот на Студената војна“, изјавил издавачот.

„Њујорк тајмс“ за делото на Плевнеш напишал дека „авторот ги сопоставува насилството во историјата на Европа со убавината на нејзините драмски трагедии. Сцени од литерарните канони на Есхил, Шекспир и Бекет се преплетуваат со расказ на еден автор“.

„Плевнеш е магионичар кој ја обединува и формулира вечноста на љубовта со трагичните слики од светската историја“, оценил „Паблишерс викли“.