Родителите во Кочани нема да плаќаат услуги за градинка за последните шест месеци

58

Советот на Општина Кочани на денешната седница донесе одлука со која родителите чии деца посетуваат градинка целосно се ослободени од обврските за плаќање на трошоците за услугите за последните шест месеци.

Во образложението за одлуката беше наведено дека во изминатиот период, поради пандемијата од Ковид-19, а согласно протоколот за згрижување и воспитување на децата, сите објекти на градинката „Павлина Велјанова“ беа затворени.

– Врз основа на доставената предлог-одлука на Управниот одбор на градинката, општинскиот Совет изгласа ослободување од обврските за плаќање на услугите за престој на деца во периодот од 11 март до 7 септември годинава. Од 9 септември пак, па сè до укинување на пропишаните услови, согласно протоколот, во делот на ограничениот број деца во воспитни групи, родителите чии деца се запишани, но не престојуваат во градинката, се ослободуваат од плаќање надомест во висина од 35 отсто од утврдената цена за целодневен престој, истакна Гордана Антова член на Советот на Општина Кочани.

Во петте објекти на градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани и во населбата Оризари пред пандемијата беа запишани 720 деца на претшколска возраст, а според важечките услови во протоколот за здравствена заштита можат да престојуваат околу 400. Во моментот 296 деца посетуваат градинка, а поради зголемениот интерес кај родителите и со активирањето на јаслените групи, се очекува овој број во наредните денови да се зголеми до пропишаниот максимум.