Роамингот во регионот од јули поевтинува за 50 до 70 проценти

120

Согласно со Спогодбата за укинување на роамингот во западен Балкан, потпишана помеѓу државава, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово, од 1 јули годинава до јуни 2021 кога цените за роаминг услугите ќе исчезнат, се воведува преоден или транзитен период во кој операторите за роаминг услугите ќе може да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени.

Тој дополнителен надомест не може да биде поголем од околу три денари (0,05 евра) за роаминг појдовни повици. Додека пак малопродажната цена за влезните роаминг повици ќе биде околу 2,5 денари во првата година започнувајќи од 1 јули годинава, односно околу 1,5 денари во втората година започнувајќи од 1 јули 2020 година. Слични намалувања на роаминг услугите се очекува и за СМС пораките, со тоа што излезните СМС пораки нема да бидат поскапи од 3,7 денари, додека влезните СМС пораки ќе бидат бесплатни.

Ваквата спогодба ќе придонесе до намалување на цените за роаминг повици во просек од 50 до 70  проценти уште во првата година од нејзиното имплементирање споредено со сегашните цени на регулираните малопродажни роаминг повици со четирите земји потписнички на Спогодбата за намалување на роаминг услуги од септември 2014 во Будва.