Новиот македонски ракометен суперлигаш, тимот на РК Алкалоид, ги промовираше осумтемина нови играчи, како и новиот тренер, најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров. Во новата сезона РК Алкалоид ќе биде чист македонски производ, што значи дека во тимот ќе играат само македонски играчи.

Нови играчи во екипата на „фармацевтите“ се: Јане Цветковски и Благојче Трајкоски, Никола Маркоски, Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ, Марко Митев, Давид Димевски и Александар Петковски.

Кирил Лазаров, кој годинава ја заврши играчката кариера, во иднина освен селекторсакта функција на сениорсакта репрезентација, ќе го  води и амбициозниот проект од кој во иднина се очекуваат врвни резултати.

-Можам да кажам дека ние сме малд тим, со играчи само со суперлигашко искуство, кои не знаат како е да се игра во градови и сали во кои е тешко да се добие дури и да си фаворит. Уште ја запознавам екипата, пријатно сум изненаден од играта на струшкиот турнир. Намерно игравме на турнир со посилни противници и сигурен сум дека тоа е начинот на кој ќе продолжиме да растеме. Прва цел е да се пласираме во плејофот и мислам дека имаме квалитет за тоа. Во новата сезона ќе имаме најквалитетна Суперлига во последниве 15 – години. Гледам и дека ги мотивираме останатите екипи со нашиот проект, се надевам ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина, истакна Лазаров.

Легенда на македонскиот ракомет потенцира дека РК Алкалоид се уште не размислува за странски  играчи, но доколку се одлучат да донесат тоа сигурно ќе биде некој квалитетен од кого младите играчи на тимот ќе може да научат.

-Ќе бидеме единствениот тим сезонава со само македонски играчи во клуб. Никогаш не знаеме што ќе носи иднината, имало примери кои почнале како нас, па се сменил концептот. Секогаш сум бил за квалитетни странци, од кои децата ќе учат. Јас како дете учев од Душан Новокмет, кој ми беше идол. Потоа доби и македонско државјанство. Не сум за неквалитетни странци, кои ги има во изобилие кај нас. Нашиот клуб, ако реши и видиме дека има потреба можеби некогаш ќе ангажира, но, повторувам, само многу квалитетен странски играчи, заврши Лазаров.

Алкалоид сезоната ќе ја почне на гостински терен кај МРК Куманово. Тимот игра во А – групата уште со Охрид, Бутел Скопје, Вардар 1961, Вардар Неготино, Прилеп и Струга.