РКЕ: Пред осум месеци побаравме да се изврши инспекциски надзор дали има злоупотреби при премин од слободен на регулиран пазар

36

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) посочува дека уште во месец април 2022 година ги има информирано Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиска полиција (УДП) во врска со добиени информации кои будат сомнеж дека одреден број на потрошувачи на електрична енергија не го исполнуваат условот да бидат мал потрошувач, а го префрлаат сопственото снабдување со електрична енергија од слободниот на регулираниот пазар преку склучување на договори за закуп.

Од РКЕ информираат дека, истовремено побарале од посочените институции да извршат инспекциски надзор согласно нивните законски надлежности и да утврдат дали има или нема злоупотреба.

– РКЕ достави писмено Известување и барање за вршење на инспекциски надзор до посочените институции уште пред осум месец (документ во прилог архивиран со датум 13.4.2022 година). Во прилог на ова Известување беше доставен и преглед на потрошувачи кои од слободен  пазар преминале на регулиран – односно кај универзален снабдувач со електрична енергија, а со цел известените институции да утврдат дали и кај кои субјекти од прегледот има незаконско постапување за прашања кои се во нивна надлежност, се вели во соопштението од РКЕ.

Од РКЕ посочуваат дека согласно Законот за енергетика РКЕ нема надлежност за инспекциски надзор, но има институционална одговорност и етика да алармира секој пат кога детектира сомнеж за можно незаконско постапување и злоупотреби. Оттука, се вели во соопштението, остануваат нејасни посочувањата и префрлање на одговорноста за постапување и расветлување на конкретниот случај.