РКЕ: Поскапувањето на струјата нема да ги зголеми цените на другите производи

47

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги оценува како неточни, неосновани и нестручни наводите дека зголемените цени на електричната енергија ќе ги зголеми цените на производите.

Одлуката на РКЕ се однесува само за регулираниот пазар на електрична енергија. Најголем дел од индустриските и комерцијалните потрошувачи сами набавуваат електрична енергија на слободниот пазар по цени коишто не ги определува Регулаторната комисија за енергетика. Цената на електричната енергија на слободниот пазар во Северна Македонија во 2020 година е пониска за приближно 9 отсто во однос на 2019 година, што значи дека и трошокот за електрична енергија на индустриските и комерцијалните потрошувачи во 2020 ќе биде помал во однос на 2019. Во наредниот период индустријата ќе има пониски трошоци за електрична енергија во споредба со 2019 година и тоа позитивно ќе влијае врз нејзиното работење во овие кризни времиња, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги информира дека со одлуките од 31 јули 2020 година преку фактори на корекција на МЕПСО му го намали приходот за 2020 година за 13,25 милиони евра, додека на ЕВН ХОМЕ за 4,5 милиони евра, поради тоа што овие компании во 2019 година оствариле поголем приход од одобрениот.

Во однос на методологијата и трошоците кои се признаваат, РКЕ има влијание на околу 40 отсто од вкупно прикажаните трошоци, додека на 60 отсто од трошоците нема влијание.

Трошоци кои не се предмет на регулација се трошок за купување електрична енергија од ЕСМ, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ, туку оваа компанија со своја цена настапува на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ. Потоа трошок за купување на електрична енергија од повластени производители, кој е утврден и гарантиран со Законот за енергетика уште од 2009 година. И маржата на универзалниот снабдувач, во износ од 11,5 отсто, определена на тендер распишан од Владата и утврден за период од 5 години, до јули 2024 година. Со маржата се покриваат сите оперативни трошоци, но и ненаплатените побарувања на универзалниот снабдувач. Процентот на наплата кај домаќинствата изнесува 90 отсто.

Со одлуката на РКЕ, цената за дистрибуција на електрична енергија за домаќинствата е намалена за 0,38 отсто.