„Времето како да ни е украдено. Природата се погрижи да ни укаже на тоа, колку сме мали и невнимателни. Уметниците не можат да живеат без креација, дури и кога одредена уметност може да се практикува од дома, сепак недостасува, она, таканаречено, полнење на батериите, преку секојдневна комуникација со луѓето околу тебе, со средината. Дневните слики и доживувавање, кои ние ги преточуваме во уметнички јазик, ништо не може да ги замени“, вели за весникот ВЕЧЕР познатата македонска кореографка и професор Рисима Рисимкин

„Самоизолацијата има добри и лоши страни, како впрочем и се друго. На почетокот беше добро да имаме малку време за себе, но како што поминува времето, таа слобода станува товар, бидејќи ја изгубивме другата слобода – слободата на креацијата“, вели за животот во самоизолација познатата македонска кореографка и професорка по современ танц Рисима Рисимкин, која е и уметнички директор на „Танц фест“.

Таа посочува дека на 6 април требаше да започне „Танц фест 2020“, но тој е одложен поради актуелната состојба со коронавирусот.

„Ние ја префрливме целата програма, т.е. ја репрограмиравме во соработка со сите наши партнери и гости. Многу жалам за времето кое сега ќе беше исполнето со танц, театрите со полни сали ми недостасуваат, а најмногу од се работата и креативноста, која во последниве шеснаесет години во овој период беше активен и неодминлив дел од нашето живеење. Пред да почне самоизолацијата, со танчарите на „Скопје танцовиот театар“ и студентите на УГД, направивме промотивно видео за 30-годишниот јубилеј на современата танцова сцена кај нас.

Видеото го споделивме и со нашата публика“, додава Рисимкин.

Ја запрашавме какви последици по танцот ќе има целата оваа ситуација со коронавирусот и каква поука можеме да извлечеме од сето ова што ни се случува…

„Последиците ќе бидат огромни од секој аспект. Времето како да ни е украдено. Природата се погрижи да ни укаже на тоа, колку сме мали и невнимателни. Уметниците не можат да живеат без креација, дури и кога одредена уметност може да се практикува од дома, сепак недостасува, она, таканаречено, полнење на батериите, преку секојдневна комуникација со луѓето околу тебе, со средината. Дневните слики и доживување, кои ние ги преточуваме во уметнички јазик, ништо не може да ги замени. Мислам дека единствено нешто, што можеби ќе го научиме е дека треба да сме внимателни, добри, да пазиме на себе и на се околу нас, да ги смениме навиките, преку кои ја загадуваме планетава. Можеби ќе има катарзично значење овој период, ќе видиме“, посочува Рисимкин.

Сепак, таа вели дека е позната како оптимист: „Од секоја ситуација, се обидувам да извлечам поука. На тоа ги учам и моите студенти и соработници во моментов, но сепак, не е лесно да се соочиш со неможноста да работиш. Тој факт е нашиот најголем непријател во моментов, од психолошки аспект. Инаку, седиме дома сите и се придржуваме на мерките. Се надевам дека ќе го пребродиме, какви ќе излеземе, тоа е прашањето“.

Со оглед дека е уметник, но и професор, таа и во изолација продолжува со

Работа и контакти со своите ученици и соработници преку социјалните мрежи. „Она што е најбитно во оваа ситуација е да си поставиме задачи кои ќе ги исполнуваме, за да ни поминува времето побрзо. Ние работиме онлајн, се гледаме секој ден, споделуваме. Групно и поединечно. Мора да имаме некаков континуитет и да се приспособиме. Бараме нови решенија, нови активности. Се обидувам да ја поттикнам креативноста кај сите, па и кај мене. Најважно е да се придржуваме до препораките, со што, се надевам, ќе допринесеме оваа ситуација да заврши што поскоро“, ќе истакне Рисимкин, која вели дека секојдневно е на линија со голем број нејзини колеги, уметници од целиот свет.

„Сите се соочуваме со исти предизвици, на некој начин тоа не теши и си даваме поддршка. Работиме на нови проекти или само пиеме кафе онлајн заедно“. Но кога се ова ќе заврши таа вели дека ќе ужива во слободата на движење, работење и креативност. „Тоа чувство ќе го споделувам повторно со моите соработници, студенти, публиката. Да се вратиме во нормалата, тоа е планот, малку поумни и поискусни“. (Д.Т.)