Риека нема голема плажа со лежалки, но има голема слобода за различностите

334

Досега Риека не беше особено интересна за туристите кои главно, оттука, минуваа кон Опатија, Истра или кон Далмација. Сепак, овој пристанишен град кој е мешавина од средновековна тврдина, прекрасни палати од австро-унгарскиот период, пазар на арт нуво, плоштади слични на оние во Италија, социјалистички нови згради и напуштени фабрики кои копнеат да се разбудат од сон…, годинава е Европска престолнина на културата

Риека во Хрватска, кој во Европа е познат како отворен, толерантен и мултикултурен град, покрај ирскиот Голвеј, е втората престолнина на културата во 2020. Ова кварнерско пристаниште на Јадранското Море кое од 1 февруари ќе биде центар на големи културни случувања, нема голема плажа со лежалки и шарени чадори, но неговиот шарм е токму во тоа што сака да го зачува своето лице онакво какво што е во моментов и да направи нови културни убавини од бројните фабрички скелети. Досега Риека не беше особено интересна за туристите кои главно, оттука, минуваа кон Опатија, Истра или кон Далмација. Сепак, овој пристанишен град е мешавина од средновековна тврдина, прекрасни палати од австро-унгарскиот период, пазар на арт нуво, плоштади слични на оние во Италија, социјалистички нови згради и напуштени фабрики кои копнеат да се разбудат од сон…

За оние помалку упатените, Риека има и интересна историја. До Првата светска војна, овој град припаѓал на Хабсбуршката монархија, од 1924 до 1945 година поголемиот дел од градот бил под Италија. Следи периодот на Југославија, во кој Риека беше издигната во примерен град со бродоградилишта, рафинерија и фабрики. Населението се искачи од 25.000 на 200.000, но по распадот на Југославија, многу фирми ги затворија своите врати, а многумина ги загубија своите работни места и заминаа во потрага по подобар живот. Денес, во Риека живеат околу 130.000 луѓе.

За проектот „Риека 2020“ градот од Европската Унија е поддржан со 40 милиони евра средства со кои “ќе го зачува старото и од него да направи ново“.

„Напуштените фабрики се дел од градскиот идентитет, тие имаат своја приказна. Затоа нема да бидат урнати туку ќе ги трансформираме“, објаснуваат организаторите. Така, во поранешната фабрика „Рикард Бенчиќ“ на 27.000 квадрати ќе бидат сместени четири нови културни институции. И бродот Галеб кој долги години пропаѓа во риечкото пристаниште, од некогашен товарен брод, потоа воен брод и конечно јахта на Јосип Броз Тито – ќе стане музеј.

Додека туристите се многу заинтересирани за овој брод, самите риечани се недоверливи кон тоа како ќе биде прикажана историјата на бродот кој се идентификува само со Тито и Југославија. Целта, како што велат организаторите, е да се покаже целата историја на бродот која е исклучително интересна, поради што веруваат дека ќе стане туристичка атракција. Инаку, бродот долг 117 метри е направен во 1936 во Џенова за италијанска компанија која се занимавала со трговија со цитрусни овошја. Во Втората светска војна бил употребуван за воени цели, а во либиското пристаниште Бенгази во 1941 бил погоден од торпедо и довлечен во бродоградилиштето во Трст. По капитулацијата на Италија, Германците го пренаменуваат во брод за поставување мини. Во 1944 во пристаништето во Риека, го потопиле сојузничките воздухопловни сили, а изваден е во 1948 и повторно изграден во бродоградилиштето во Пула, каде што е опремен луксузно и предаден на југословенската воена морнарица како брод за обука „Галеб“. Тито во 1953 со „Галеб“ тргнал на првата посета на Британија, а со него посетил и 18 земји на три континенти – Европа, Африка и Азија. Во 1991, бродот бил донесен од Пула во Црна Гора, каде што останува до крајот на 1990-тите, кога бил купен од страна на грчки сопственик на бродови кој сакал да го преуреди како луксузна јахта. Бидејќи не водел грижа, „Галеб“ бил продаден на Градот Риека во 2009 во чие пристаниште е од 2013-та…

Градските власти имаат во план бродот Галеб кој е во руинирана состојба да го реконструираат, а на вкупно 5.565 квадратни метри да имаат културна употреба со постојана музејска поставка, привремени изложби, киносала, сцена за театарски претстави и креативни работилници. „Галеб“ ќе има и комерцијална цел – хотел, бар / ресторан и продавница за сувенири. За посетителите ќе биде отворен и некогашниот апартман на Тито и Јованка, а ќе се прикажуваат и проекции од заедничките вечери со видни личности кои биле угостени на бродот.

 

Отворен, толерантен и мултикултурен

“Пристаниште на различности“ е слоганот кој Риека го презеде за свое претседавање со европската култура. Пристаниште како порта кон светот преку кој дојдоа многу националности, култури и вери. Инаку, културната сцена на Риека привлекува слободни уметници од целиот свет, па градот секогаш бил познат како прогресивен. Тој се смета и за родно место на хрватскиот панк.

Тука се одржува и фестивал на ЛГБТ заедницата без никакви инциденти, што не би било случај во повеќето хрватски градови.

„Риека е толерантен град каде различностите не само што се прифаќаат, туку така и се живее. Ние исто така сме првиот град во Хрватска што станавме дел од мрежата Интеркултурни градови“, додаваат од организацијата на проектот “Риека 2020“.

Лабораторија на европската историја

Еден од главните програмски правци на “Риека – европска престолнина на културата 2020“ е Времето на моќ, инспирирана од Риека како своевидна лабораторија на европската историја, која зборува за различни форми и односи на моќ преку историски и уметнички изложби, театар, танц и оперски претстави…

Меѓу другото, најавен е и прегледот на современата ликовна уметност во 90-тите години на 20 век во земјите од Источна Европа. Овој правец ќе ја вклучи и  Палатата на шеќер, во која ќе биде сместен Музејот Град Риека и прогласувањето на „Галеб“ како прв хрватски брод-музеј. Како посебно интересен дел од програмата беа најавени уметнички дела, инсталации и претстави за Голи Оток, кои ќе ја донесат оваа болна тема пред широката публика. Различни настани ќе бидат понудени и од уметничката програма Дополаворо, која вклучува изложби, театри и опери, како и забавни спектакли придружени со богата издавачка програма. Риека ќе добие и 11 уметнички дела – инсталации и скулптури кои се однесуваат на специфичните приказни и особености на средината во која ќе бидат поставени. Програмските области на програмата Риека – 2020 се исто така: 27 соседства, кујна на различностите, куќа за деца и Слатко и солено, а програмата Плус ги вклучува следниве области: Граѓански иницијативи, карневал, конференции, РиХуб, Училница и Зелен бран… (Д.Т.)