Ридот над Ајватовци пошумен со даб, чемпрес и багрем

40

Во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“, денеска се реализираше акција за пошумување во која на ридот над Ајватовци се засадени 2.000 садници со даб, чемпрес и багрем.

– Станува збор за пошумување на простор од повеќе хектари, а акцијата се одвиваше во соработка со „Трибанкс“, непрофитна организација во секторот за зачувување на животната средина -соопштија од Општина Илинден.

Оттаму потенцираат дека збогатувањето и обновата на шумскиот фонд е обврска на секој од нас во насока кон подобрување животната средина.

– Во акцијата на пошумување учествуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека пошумувањето е природно добро од општ интерес, обврска на секој од нас активно да работи во подобрување на еколошката свест, со тоа ќе придонесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина – информираат од општината.

Во акцијата на пошумувањето учествуваа и учениците од средното општинско стручно училиште „Илинден“, здруженија на граѓани и поединци.

Од Општина Илинден велат дека и во иднина интензивно ќе работат на пошумување, а в недела акцијата „Зелена Општина Илинден“ ја продолжуваат во населеното место Миладиновци, каде ќе бидат засадени околу 27.000 садници на простор од 10 хектари.