Паркирањето возила на пристапните рампи и на косините на тротоарите што се изработени за нив, ги натера инвалидните и лицата со физичка попреченост од Кочани да се организираат и да побараат од надлежните институции поригорозни мерки против несовесните возачи.

Од меѓуопштинското здружение „Мобилност“ велат дека нема никаков ефект од поставените сообраќајни знаци и информативни табли со кои се означени пристапните рампи, поради што членовите се подготвени наскоро да излезат на јавен протест.

– Секојдневна појава е паркирањето возила на пристапните рампи што не ги користиме само ние, туку и мајки со бебешки колички, повозрасни и тешко болни лица. Состојбата е иста низ целиот град, а најсериозна е во околината на Трговскиот центар, каде деновиве интервенираше екипа од итната медицинска помош која не можеше со болничко легло да го пренесе пациентот до возилото. Постојано им укажуваме на возачите да не паркираат на означените места, но скоро секогаш наидуваме на неразбирање, па дури и навреди и закани. Со оглед на нашата здравствена состојба, можеме само да се собереме на протест и јавно да побараме органите да преземат ригорозни казнени мерки кон прекршителите –  изјави Методи Митев, член на „Мобилност“.