Македонија и Албанија мора да бидат во ЕУ, ова е одлуката која ја донел бугарскиот премиер Кирил Петков по посетата на Вашингтон, при што тој дури е спремен да ризикува и паѓање на бугарската Влада. Одлуката следува по средбата на Петков во Вашингтон со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој „ја нагласил важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“, како што објави Стејт департментот.

Ова е голем позитивен пресврт во македонско-бугарските преговори на отстранување на ветото на Софија во јуни, што ќе  овозможи Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.

Бугарскиот премиер Петков по средбата со државниот секретар на САД, Блинкен, решил дека Македонија заедно со Албанија, сепак мора да биде во ЕУ, наспроти отворените прашања кои постојат на релација Скопје-Софија.

„Бугарите треба да сфатат дека НАТО не е во Бугарија, туку Бугарија е во НАТО. Решив дека иднината на Македонија и на Албанија мора да биде во ЕУ, тоа е добро за регионот. Ако поради тоа падне Владата, тоа не е моја одговорност. Не можам да бидам одговорен за ништо во тој случај, а секако дека со Македонија имаме уште многу отворени прашања – рече Петков во интервју за романска телевизија.

Блинкен на средбата со Петков „ја нагласил важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“. Двајцата лидери, како што информираше Стејт департментот, ја потврдиле заедничката визија за трансатлантските односи, разговарале за партнерство со САД за енергетска диверзификација на Бугарија и регионот на Западен Балкан, за модернизација на бугарските вооружени сили, како и за стабилноста и развојот на Западен Балкан.

Македонската влада вчера соопшти дека земјава ја има поддршката од европските партнери кои сметаат дека мора веднаш да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ, а Владата секако го продолжува дијалогот со соседна Бугарија за изнаоѓање достоинствено и европско решение кое ќе го крене ветото и ќе го даде долгоочекуваниот датум за започнување на преговорите со Унијата.

Ова позитивно сценарио следува по оптимистичките изјави на шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг, кој при неодамнешната посета на Скопје истакна дека наскоро ќе биде решена „македонско-бугарската сложувалка“.

„Навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата“, нагласи Шаленберг.

(И.С.)