Речиси половина од пријавените македонски државјани не прифатиле државен карантин

Вкупно 5.228 македонски граѓани од цел свет се пријавиле дека сакаат со авион да се вратат во земјава. 93 отсто од нив се од Европа, а 272 лица се наоѓаат на другите континенти. Но, од сите пријавени, досега 2.890 се согласиле да бидат сместени во државен карантин

3173

Вкупно 2.207 македонски граѓани се вратени во земјава за две недели, информираа од македонското Министерство за надворешни работи. За овие граѓани се организирани хуманитарни летови и конвои во периодот од 22 март заклучно со 4 април, во организација на МНР, генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство.

Сите овие македонски државјани кои пандемијата со коронавирусот ги затекна во странство, претходно се изјасниле дека прифаќаат задолжителен државен карантин и учество за плаќање на цената за авиобилетот. Министерот за надворешни работи Никола Димитров викендов преку социјалните мрежи истакна дека е задоволен од тоа како се одвива репатријацијата.

– Благодарност до луѓето во кризниот тим на МНР и сите други институции со кои соработуваме да си ги вратиме граѓаните дома во многу тешки услови. За овој потфат ниту имаме претходни искуства, ниту имаме соодветни обуки, ниту имаме доволно луѓе во амбасадите и конзулатите. Имаме и големи успеси, но правиме и грешки. Добиваме секакви пораки, од трогателна благодарност до груби нервозни испади. Но, најважно е што сме упорни. Продолжуваме понатаму, напиша шефот на дипломатијата Никола Димитров на својот фејсбук-профил.

Според информациите од МНР, вкупно 5.228 македонски граѓани од цел свет се пријавиле дека сакаат со авион да се вратат во земјава. 93 отсто од нив се од Европа, а 272 лица се наоѓаат на другите континенти. Но, од сите пријавени, досега 2.890 се согласиле да бидат сместени во државен карантин. Изминатиот период имаше реакции од лица кои се во државен карантин. Тие се жалеа на условите во кои се сместени. Властите тврдат дека сите граѓани сместени во државните карантини имаат добри услови.

Најмногу македонски државјани досега се вратени од Германија, вкупно 703 од Минхен, Берлин, Бон и Келн. Над 600 странски државјани пак од Македонија се вратени во нивните матични земји.

Од МНР велат дека продолжуваат со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство.