Речиси половина од Британците се борат со зголемените трошоци за живот

72

Речиси половина од жителите на Велика Британија се борат со зголемените трошоци за домаќинствата, откако инфлацијата достигна највисоко ниво во последните четири децении, предупреди Фондацијата Резолушн.

Според извештаите, околу 44 отсто од домаќинствата на работоспособна возраст заостанале со плаќањето на киријата и хипотеките во ноември минатата година, во споредба со 26 отсто во јануари 2021 година, објави денеска Блумберг.

Анкетата е спроведена на примерок од 10.470 возрасни лица, а резултатите од истражувањето укажуваат на криза во трошоците за живот, што дополнително ги зголеми притисоците предизвикани од пандемијата Ковид-19.

Посебно се погодени закупците на станови, кои се соочуваат со најбрзо зголемување на закупнината во последната деценија, па дури осум отсто од нив заостануваат со плаќањето на станарините.

Студијата укажува на уште помрачна слика за корисниците на социјалните станови, бидејќи 19 отсто од нив се изјасниле дека заостануваат во плаќањето, додека дури 44 отсто имаат проблем со плаќањето на станбените трошоци, што практично значи дека многу од нив не се во можност да ги заменат електричните апарати или да го вклучат  греењето.

Истовремено, хипотекарните должници се погодени од серија невидени зголемувања на каматните стапки од страна на Банката на Англија. Централната банка се очекува да продолжи со десеттото последователно зголемување во четврток, при што референтната каматна стапка се очекува да достигне 4,5% до мај.

Процентот на иматели на хипотеки кои заостануваат или се борат да извршат отплата речиси се удвои од 27% на 50% помеѓу јануари 2021 година и ноември 2022 година. И покрај наглото зголемување, вкупниот број на задолжени граѓани кои се соочуваат со финансиски проблеми при враќањето на обврските е сè уште помал од случајот со станарите.

„Со оглед на тоа дека многу луѓе кои изнајмуваат станови се на работ на веќе исцрпени финансии, притисокот предизвикан од инфлацијата и зголемувањето на цените на изнајмувањето има силно влијание врз буџетот и благосостојбата на нивното домаќинство“, според Кара Пацити, виш економист на истражувачкот центар.

Со очекуваното зголемување на трошоците за домување, состојбата за станарите ќе се влоши, доколку државата не интервенира, покажа истражувањето.