Рецитал на хармоникашот Филип Петрески

31

Во Камерната сала на Филхармонија, вечерва, во 20 часот, рецитал ќе одржи еден од најзначајните млади македонски хармоникаши – Филип Петрески. На програмата се дела од Золотарјов, Албениц, Семјонов, Дога, Зубицки и Пјацола. Покрај Петрески, ќе настапат и хармоникашите Христијана Матеска и Виктор Кулески, Александра Чуруковска (контрабас), Марија Ѓошевска (пијано) Марија Трајковска (виолина), Маријана Николовска (пијано) и Александар Поп – Христов (гитара).

Филип Петрески (1998) во текот на образованието се закитил со голем број награди на разни државни и интернационални натпревари, додека во меѓувреме редовно учествувал и на бројни концерти и фестивали во Македонија и во странство. Како солист гостин и член во разни камерни состави учествувал на повеќе манифестации меѓу кои и меѓународниот проект „World Accordion Day” (6-ти мај Светски ден на хармониката), концерти организирани од Музичка младина на Македонија, Фестивалот „Златна Лира“, Musica Viva, Фестивал на млади хармоникаши, Вечер со звуците на хармониката, Филхармонија за филхармонија. Во 2015 се закитил со петто место на натпреварот „Castelfidardo“ во Италија, во 2021 со „златен медал“ на натпревар за хармоника „Italy Award“. Петрески е член на „Танго – Трио“ со кои редовно настапува на различни фестивали и манифестации на државно и интернационално ниво.