На само 9 километри од центарот на Скопје, во Трубарево, се наоѓа локалитет со природни реткости на флора и фауна, совршено место за развој на еко-туризам и јавни екскурзии, каде што природата и самиот воздух се неверојатно чисти и здрави.

Оваа убавина што дел ја создала човековата рака, а дел природата, повеќе од шест децении беше заштитено подрачје на домородни видови флора и фауна од сите континенти, особено од Европа, Азија и Северна Америка, а денес е идеално место за паша на овци и за депонирање на ѓубре.

Екипа на весникот ВЕЧЕР деновиве беше да го посети овој локалитет за кој се вели дека до пред пет години бил чуван како „очите во главата“, а потоа оваа природна убавина е оставена да ја уништува кој како ќе стигне.

Дека за оваа природна реткост малку се знае, говори фактот што моравме да прашаме неколкумина како да стигнеме до таму за да се увериме на лице место. Покрај регионалниот пат Р 103 Маџари – Катланово, кај село Трубарево нема никаков патоказ што би не насочил.

Тесното кривулесто земјено патче полно со дупки не ни влеваше надеж дека сме на правиот пат кон локалитетот, но еден жител на ромската населба низ која поминавме ни рече дека треба да продолжиме до пругата и да го поминеме подвозникот кој е единствениот премин кон нашата дестинација.

А од другата страна на пругата не пречека дива депонија со расфрлана пластика и градежен шут. А зад неа висока и густо израсната шума, како џунгла, од која се слушаше птичји црцор.

Станува збор за локалитетот „Езерце“ на површина од 6 хектари кој се одликува и со значајни еколошки, едукативни и рекреативни вредности поради кои во 1994 година беше прогласен како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Локалитетот „Езерце“ преку целата година е под вода при што во летниот период водата се задржува само во пониските места.

Местото е оградено со плетена жичана ограда која на места е урната, а некаде украдена. Навлеговме по една патека која најверојано ја користат рибократци, бидејќи наидовме на искината рибарска мрежа. Просторот на „Езерце“ за време на периодот на терциер бил дел од некогашното скопско неогено езеро. Подоцна со повлекување на водата овој простор останал на суво и постепено бил освојуван од терестички флорни и фаунистички видови. На целото ова богатство на флора и фауна му се заканува угинување бидејќи водата во „Езерце“ е нечиста, загадена и полна со ѓубре.

Во продолжение на вегетацискиот појас на „Езерце“ е Дендро паркот кој во минатото бил многу убав парк, распослан на површина од три хектари. Од 1953 година со овој парк, наречен и Арборетум, стопанисувал Шумарскиот факултет во Скопје. Во него биле засадени дрвенести и грмушести видови од нашата автохтона дендрофлора и од цел свет. Уште од подалеку се слушна кучешко лаење, како знак да бидеме внимателни бидејќи има трло со овци.

Во некогашниот парк биле засадени околу 600 дрвенести и грмушести видови поради што служел за набљудување на животната средина, научни истражувања и настава за студенти на Шумарскиот факултет – Скопје. Забележавме дека многу од ретките дрвја и и бамбус се сечат и во заградениот простор слободно се шетаат и одмараат овци под дебелите сенки.

Спроти трлото видовме демолирана куќарка во која некогаш била сместена чуварската служба на паркот. Зоран Филипов живее на 500 метри до Арборетумот. Вели дека станува збор за многу убаво место, но сега е уништено.

– Многу убавини уништени, куќарката со паркот, дел со фазани, еребици, лисици, езерото големо со шатки, риби, редок вид на инсекти, цвеќиња, исто така тука се наоѓа и старото течение на реката Вардар со убави сенки, но за жал, се е запоставено и уништено од неводење грижа – додава Филипов.

Бојан Васиљевиќ раскажува како изгледала фазанеријата кога бил дете.

– Едниот дел беше заграден, тоа е местото каде сега е направено трлото за овци. Тоа место беше убаво заградено, имаше чувари кои го чуваа дење – ноќе. Во куќарката имаше кревети, маси, телевизор, ве-це. Во заградениот простор имаше кафези за мали фазани – вели Васиљевиќ.

Од овој, во минатото редок парк, кој бил рај за очи и душа, сега нема ништо – само руина и реа од добиток. Го поминавме набрзина ова место за да немаме несакана „блиска средба“ со овчарските кучиња и пред нас се отвори уште една природна убавина – локалитетот „Острово“ кој е остаток од поранешното острово кое по природен пат го формирала реката Вардар која на овој простор се одвојувала на две теченија и го заобиколувала. Веднаш до „Острово“ сега има сепарација на песок и чакал бидејќи таму поминувале двете ракавци на реката.

Теренот е покриен со хумусен слој, лисја и се обраснати со тревеста и грмушеста вегетација. Таму се одвива процес на природно обновување на дел од дендро-флората: црн јасен, бозел, шипинка, брест, јавор, багрем, бела топола, црна топола, врес, бела врба, хмељ и други. Пеперутките за ова место досега се слабо проучени. Со истражувањата во летото 2008 година регистрирани се 10 видови пеперутки и два вида вилински коњчиња. Од другите инсекти чести се: големиот жегач и 22 вида стакулци. Од мекотелите застапени се три вида копнени полжави, од кое еден вид е балкански ендемит. Фауната во наоѓалиштето е претставена со 55 вида птици кои се застапени преку целата година, но има и преселни видови птици (во пролетниот, есенскиот и зимскиот миграциски период). Цицачите во наоѓалиштето се застапени со 20 вида од кои 14 вида се микро цицачи (лилаци потковичари, ноќници, вечерници) и пет вида макро цицачи (шарена куна, јазовец, дива мачка, куна белка, верверичка и еж).

Затоа и „Острово“ од научен аспект се третира како фосилно острово на река Вардар која тече на околу 500 метри. Наоѓалиштето е со површина од 20 хектари и се одликува со значајни едукативни вредности поради кои во 1976 година бил прогласен како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.

Чуварот на сепарацијата беше изненаден кога ја виде екипата на ВЕЧЕР, бидејќи ретко се случувало некој да помине. Тој изрази жалење што никој не сака да го заштити ова ретко природно богатство кое го имаме во близина на главниот град на државата.

Министерството за образование и наука пред 4,5 години ги повлекло средствата за одржување на овој редок природен локалитет, а Шумарски факултет поради немање средства да го одржува, го остави да пропаѓа и да се разграба.

– Срам е за една држава до толку да се нема средства да се одржи нешто во кое се вложувало и се одржувало над 60 години, да се нема да се заштити заштитеното подрачје. Чуму прогласување на споменици на природата кога нема кој да се грижи за нив? Состојбата и со Острово и со Езерце, уникатни екосистеми е поразителна. Ѓубре, градежен шут, истурање на отпадни води во нив. Како споменик на целата наша државна негрижа за вистинските вредности останала да сведочи таблата за „Споменикот на природата на РМ“ – констатираат од 02 Иницијатива.

Сепак, благодарение на советникот во општина Гази Баба, Дејан Димитровски, кој го анимираше случајот и со медиумска поддршка на весникот ВЕЧЕР, по повеќемесечна борба за спас на природните богатства, конечно позитивни вести. Договорено е Шумарскиот факултет со помош на Општина Гази Баба да му го врати статусот на споменик на природата што го доби во 1965 година.

– Наша цел е просторот целосно да го оградиме, повторно да ги обновиме стражарниците, но и просториите за студентите, а постепено Факултетот да го обновува шумскиот фонд. Она што прво во наредните денови ќе го направиме е отстранување на стадото кое бесправно е сместено на таа локација – вели градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Тој објаснува дека паралелно ќе се води постапката за подготовка на Студијата за ревалоризација на ова заштитено подрачје, која треба да биде составен од предлог законското решение за прогласување на овој локалитет за заштитено подрачје.

Жители на Гази Баба, но и на цело Скопје со поддршка на договореното бидејќи сметаат дека е жално целото ова растително и животинско богатство да се остави да изумре или побегне од своето природно живеалиште, токму поради негрижата на човекот.

– Сакаме ова место повторно да заживее, да биде средено, одржувано, но пред сè, заштитено. И парк-шумата „Гази Баба“ до пред некое време беше посетувана најчесто од жителите од околните населби. Денес веќе нема кој не ја знае, бидејќи на скопјани очајно им треба чист воздух и повеќе содржини за рекреација – вели Тања Тушевска.

Инаку, светските практики говорат дека дендро парковите се добро одржувани и се совршени места за одење за секој што ужива во пријатни релаксирачки прошетки под прекрасни дрвја. Бидејќи ваквите паркови се идеални места за прошетки со деца, истите се збогатени со најразлични содржини за забава на најмладите, на пример слајдови, лулашки и слично, како и со мали киосци во кои се продава сладолед, пуканки, па дури има и организирани возења со коњчиња кои можат да бидат забавни. Во ваквите паркови се организираат обиколки со комфорни возила на електричен погон и се наплатува за услугата во зависност од бројот на лица во групата. Дендропарк е совршено место за еко-туризам и јавни екскурзии, каде што природата и самиот воздух се неверојатно чисти и здрави.

Светлана БЛАЖЕВСКА

Фото: Наќе БАТЕВ