Ременски: Гоце Делчев не треба да биде камен на сопнување туку точка на зближување

40

Гоце Делчев е цивилизациска вредност и не треба и не смее да биде камен на сопнување на Балканот, туку мост и столб околу којшто може да се градат и добрососедски односи, вели Фросина Ременски, експерт по безбедност и поранешен пратеник.

-Гоце Делчев е цивилизациска вредност. Тој е повеќе од Македонија и фактот што неговите мошти почиваат во престолнината на слободна и независна Македонија зборува дека тој наш револуционер може да го чествуваат сите бидејќи неговиот порив и борба за слобода и независна Македонија укажува дека може да послужи како пример за новите генерации кои што треба да бранат вредности. И бугарскиот и македонскиот народ, но пред се македонскиот треба да биде отворен за прифаќање на слободоумните и мирољубивите луѓе кои сакаат да ги чествуваат вредностите кои ги негуваше и ни ги остави во наследство Гоце. Во тој контекст, секое нарушување на ликот и делото на Гоце Делчев преку етнонационализам и шовионизам не остава добра порака на генерациите во однос на тоа што е вредноста што ја славиме, изјави денеска Ременски по положувањето на цвеќе во црквата „Св. Спас“.

Таа го осуди говорот на омраза, негирањето на македонската нација, идентит, јазик независно од каде доаѓа, нагласувајќи дека Гоце треба да се чествува независно дали е 4 февруари или кој било друг датум.

-Револуционерните и историски ликови кои што се камен на сопнување во овие билатерални односи треба да послужат како точка на зближување на народите и на земјите. Очекувам на ист начин да се ангажира и македонската јавност – стручната, граѓаните, здруженијата и политичките партии и кога ќе дојде на ред да се чествува денот на Јане Сандански во Бугарија бидејќи тие два лика се столбовите на нашата револуционерна борба, идентитет и државност. Како што бугарските граѓани сакаат да го чествуваат Гоце Делчев, како што никој не им забранува тоа да го прават на достоинствен начин, верувам дека и многу Македонци сакаат да го чествуваат и Јане Сандански во Бугарија, рече Ременски.