Реконструкција на градинките и основните училишта во Општина Карпош

61

Екипи на Општина Карпош почнаа со градежни активности во градинката „Распеана младост“ во Карпош 1, каде целосно ќе биде реконструиран подот во оваа претшколска установа.

Како што информира Општина Карпош, поради појава на влага во просториите, стручните лица го отстранија стариот паркет, при што подната површина ќе биде санирана во неколку фази.

– Ќе биде поставена нова цементна облога за да се добие солидна основа на објектот. Потоа ќе се интервенира со нова акрилна хидро изолација во три слоја, која треба соодветно да го заштити просторот. И третата фаза, подразбира монтирање на хомоген ПВЦ под (линолеум) со дебелина од 2 милиметри и ПУР површинска заштита, отпорна на бактерии и хемикалии – велат оттаму.

Општина Карпош соопшти дека летниот период се користи за обнова и санација на училишните и предучилишните установи на своја територија.

– Досега целосно се реконструирани две училници во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, а во неколку училници во ООУ „Владо Тасевски“ во Козле беше поставен нов линолеумски под. Неодамна градинката „Мајски цвет“ во Урбаната заедница „Владо Тасевски“ доби нови прозорци, а истоимената градинка која се наоѓа во Тафталиџе 2, покрај новите прозорци, во претстојниот период ќе добие и нова енергетско – ефикасна фасада – соопштија од општина Карпош.