Реконструирани тоалетите на ОУ „Аврам Писевски“

82

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, заедно со претставниците од Канцеларијата за одбранбена соработка на САД, мајор Патрик Енрикез и од Европската команда на САД (ЕУКОМ), Игор Кралев денеска го посетија училиштето „Аврам Писевски“ во Бардовци каде со реконструкцијата на тоалетите, целосно се подобрија хигиенско-санитарните услови.

Реконструкцијата беше спроведена во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието со финансиска поддршка од ЕУКОМ.

Во ова училиште, Општина Карпош направи и тоалет за ученици со попреченост, а веќе се работи и на нова сензорна соба, која ќе биде одраз на општествена одговорност.

– Во следниот период целосно ќе се фокусираме на промена на системот на греење во училиштето „Аврам Писевски“ . Веќе аплициравме за добивање на средства преку јавниот повик за намалување на аерозагадувањето за училиштето повеќе да не се загрева на фосилни горива, туку ќе се користат термални пумпи (систем „воздух – вода“ ). Со ова, ќе се промени системот на греење и на овој објект, со што нема да има воспитно – образовна установа во Карпош која се грее на нафтени деривати- изјави Богоев.

Тој додаде дека со реновирањето, за околу 270 ученици и наставници се обезбедени подобри услови за настава и работа, а исто така беше инсталирана и надворешна канализациска мрежа во дворот на училиштето, со цел да се спречи непријатна миризба.

Мајот Енрикез го истакна задоволството од посетата на „Аврам Писевски“, кое е мултикултурно училиште и има спој меѓу Ромите и локалното население.

Исто така, беше посочено дека САД ќе продолжи да дава поддршка за развој на руралните подрачја во земјава, но и во други сфери од секојдневното живеење.