Реконструирана уништената улица во Голема Речица

56

Во тетовското село Голема Речица е реконструирана улицата која води од гробиштата до шумскиот предел, во должина од 250 метри. Улицата беше целосно уништена при невреме во 2015 година.

– За асфалтирање, поставување бекатон, зеленило и за осветлување се потрошени четири милиони денари. Како што знаете, 2015 и 2016 година имавме проблеми и комплетно руинирање на овој пат. Потребна беше целосна реконструкција и се надеваме дека со позитивни проекти ќе продолжиме понатаму – рече градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.

На новинарско прашање зошто беа потребни четири години да се заврши реконструкцијата, градоначалничката одговори дека има наследено многу оштетени улици.

– Се чекаше затоа што наследивме град каде што ни една улица не беше како што треба да биде, така што оваа делница го чекаше реновирањето на целиот булевар „Илирија“, чекаше реновирање на „Индустриски булевар“, чекаше реализирање на улицата „Мурат Бафтијари“ како и други делови, кои, за жал, беа оставени руинирани – одговори градоначалничката.

Оваа улица настрада поради излевање на реката и беше целосно уништена и не можеше да се употребува од 2015 година. На 3 август Тетовскиот регион го зафати невреме во кое најпогодени села беа Шипковица и Голема и Мала Речица, при што загинаа  шест лица, а стотици куќи и објекти беа уништени. Со помош на странски експерти, беше изработен акционен план за заштита од поплави вреден 25 милиони евра, но неговата реализацијата на терен сè уште не е почната.