Реката Треска се дави во отпад

283

Од риболовното здружение „Рибар 2011“ објавија фотографии од кои се гледа дека реката Треска на делови има чиста и бистра вода, но на одредени места е унаказена од човечкиот простотилак и негрижа.

Жители на населените места по течението на Треска кабастиот отпад и градежен шут го фрлаат во реката, не само што ја загадуваат околината и се опасност за угинување на живиот свет во водата, туку и го стеснуваат речното корито со што му ја намалуваат пропустливоста и со тоа се потенцијална опасност од поплави. 

Од „Рибар 2011“ кои се концесионери на рибниот фонд на реката велат дека постојано патролираат по течението на Треска и откако ќе забележат загадување на реката со отпад, редовно пријавуваат, што впрочем тоа треба да го прави секој граѓанин, но нема никаков резултат.

Коритото на Треска на некои места личи на контејнер за кабаст отпад и градежен шут. 

Вината за ваквата состојба тие ја гледаат и кај рибарите бидејќи ѓубрето го оставаат откако ќе си заминат.

– И ние рибарите сме криви што има ѓубре покрај реките и езерата. Сите рибари да си го собираме ѓубрето што го оставаме, не би имало толку многу. Лесно е да се каже на некој да се собере ѓубрето, но прво треба и ние рибарите да бидеме барем малку свесни, па за да бараме друг да чисти – смета рибарот Горан Симески. 

Радован Јовановиќ се согласува дека концесионерот на реката треба да прави постојан притисок до Владата и надлежното министерство, како и со објавување на фотографии од негрижата на луѓето. Тој предлага да се изрекуваат ригорозни казни за фрлање на ѓубре и шут во реките, но и да се казнуваат несовесните рибари кои го оставаат отпадот што го направиле или затекнале, а не го исчистиле.

– На секој рибар затекнат да лови и околу него ако има ѓубре да му се одземе опремата и казна, без разлика дали е негово или не. Ако сакаш да ловиш ќе си исчистиш, ако не сакаш ќе си седиш дома. Секој рибар затекнат да лови мора со себе да носи кеса за ѓубре – ако не носи казна. И концесионерите да си ги поделат местата за фаќање и при проверка да ги запишуваат луѓето кои ловат таму и ако има ѓубре утредента да им се одземе дозволата за фаќање – предлага Јовановиќ. 

(С.Бл.)