Реизбраниот унгарскиот градоначалник поднесе оставка поради секс скандал

96

Поранешниот олимписки шампион Золт Боркаи кој освои втор градоначалнички мандат во унгарски Ѓер, соопшти дека се повлекува од функцијата.

Неговата одлука доаѓа откако се најде во центарот на секс скандал кој резултираше и со пад на поддршката на јавноста на владеачката „Фидес“ на премиерот Виктор Орбан на неодамна одржаните локални избори во Унгарија.

Золт Боркаи, инаку освојувач на златен медал во гимнастика на Олимписите игри во 1988-ма година во Сеул, ја напушти партијата минатиот месец откако се појавија фотографии и видео снимки на кои се гледа како се забавува и прави оргии со проститутки на јахта на Јадранското море.

Боркаи се извини, своите постапки ги нарече грешка и порача дека се повлекува затоа што го сака Ѓер и не сака неговите постапки да го попречуваат развојот на градот.