Резолуцијата за црвените линии со “Северна“ влезе во Собрание

696

Резолуцијата за црвените линии во однос на преговорите со Бугарија потпишана од 43 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ влезе во Собрание. Пратеникот Антонио Милошоски очекува од претседателот Талат Џафери што поскоро да ја стави на дневен ред на усвојување и ги повика сите пратенички групи да ја потпишат и да постигнат целосен консензус околу ова прашање. На документот стои Република С Македонија, а образложението на партијата, која е најголем противник за користење на новото уставно име, е дека со Северна, Џафери нема да може да го одбие документот како невалиден.

-Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет. Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор. Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам, стои меѓу другото во Резолуцијата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, истакна дека Резолуцијата е позитивна работа, бидејќи сите нешта кои беа потврдени и афирмирани од МАНУ, од УКИМ, од МПЦ се факт.

-МАНУ е матицата, таа може да ги собере сите историчари. Не е точно дека ние немаме истакнати историчари. Ние имаме универзитети, ние имаме институти итн. малку сум изненадена од реакциите. Зошто? Бидејќи она што е во оваа Резолуција е еден интересен метод, сосема спротивен од оној на бугарската академија или бугарските политичари. Значи, Резолуцијата не е насочена кон Бугарија и кон критика на бугарската власт или бугарските ставови, можеби тогаш таков документ би се викал декларација. Бидејќи обично декларациите регулираат надворешни прашања, истакна универзитетската професорка во телевизиско гостување. Таа додаде дека Резолуцијата никого не навредува ниту пак повредува. Оваа Резолуција ги афирмира општо познатите национални вредности.

За Резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на државата и црвените линии во однос на националните прашања на ВМРО-ДПМНЕ поддршка дадоа пратениците од македонскиот блок партии, но, ДУИ бара дополнително усогласување а Алијанса на Албанците и Алтернатива својот став сè уште не го објавуваат.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека тие се на ставот оти овој процес треба да се почне од нула, да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една парија. -Се плашам дека може од државна со ваква резолуција да преминеме во етничка позиција. И покрај притисоците од опозицијата, посочи министерот, не навлеговме во негативен дискурс со Бугарија и пред очите на светот добивме признание дека ние сме во право, рече вели Османи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР возврати дека очекува, како што рече, ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница.

-Очекувам ДУИ вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава. И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, рече Мицкоски во интервјуто за весникот ВЕЧЕР.

Вицепремиерот Артан Груби пак вели дека нема ништо што им пречи во предложениот документ, освен забелешката дека инсистираат тој да биде донесен со консензус на сите партии.

Формулацијата за „јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а кои не се мнозинство“ е понижувачка и задира во јазичната идентитетска компонента на Албанците, вели лидерот на Алтернатива Африм Гаши за „Дојче веле“. Нагласи дека нема ништо против предлог-резолуцијата иницирана од ВМРО-ДПМНЕ, но смета дека идентична почит треба да се рефлектира и кон една од идентитетските компоненти на Албанците во земјата – албанскиот јазик.

Иако беше најавено дека албанската опозиција ќе излезе и со официјален став, сепак тоа не се случи до затворањето на весникот.  (Е.А.)