Резбал за цареви и кралеви, но најмил му е подарокот за маршалот Тито

317

Миливое Нестор Алексиевски е 88-годишен скопјанец. Сите го препознаваат по прекарот Миле Сирма и низ неговата школа за пливање поминале генерации и генерации млади. Но, она што е помалку познато за него е тоа што е седмиот наследник на познатите мијачки копаничари, изработувачи на иконостаси и предмети кои воодушевуваат во многу наши цркви, манастири и џамии. Од нивните вешти раце се направени и стилски парчиња мебел за институции или за приватни домови, а нивни дела има и надвор од границите на Македонија. Со потпис на копаничарите од ова семејство се голем број резби за кралеви и цареви, но и уметнички дела наменети за историски личности, како што е маршал Тито

Во својата долговековна историја за опстојување на просторите каде што живее, а на кои се вкрстуваат патиштата на многу цивилизации, македонскиот народ оставил свои траги за одржување на своите лични и заеднички народни обичаи. Една од формите за исполнување на својата самобитност е и резбарската уметност, која особено се развила во 18 и 19 век, во повеќе краишта и региони.

За нас, најинтересни се галичко-реканскиот регион и тамошната школа, која доминирала со своите работа и креативност, не само во Македонија туку и на балканските простори. Oд oвој регион со повеќе мијачки населби потекнуваат голем број мајстори, уметници, градители, зографи и копаничари.

ИКОНОСТАСОТ

Миливое Нестор Алексиевски е 88-годишен скопјанец. Тој за себе вели дека е седмиот наследник на познатите мијачки копаничари, кои работеле резби за кралеви и цареви, но и за личности како маршалот Тито. Неговото средно име е по татко му Нестор Алексиев Мирчевски (1873-1969), роден во селото Осој, Мала Река, од фамилија на копаничари. Додека прекарот му е Миле Сирма, по мајка му Сирма родена галичанка.

– Татко ми, како дете на 10-годишна возраст, заминал од Осој со тајфата копаничари. Каде оделе тие, и татко ми одел со нив. Јас сум седмиот наследник на тие познати копаничари. Татко ми ме воведе во тој занает и потоа многу му помагав во работата – почна да раскажува чичко Миле. 

Со длетото на Нестор се изрезбани бројни значајни дела, меѓу кои и иконостасот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Ова ремек-дело е работено 12 години. Чичко Миле вели дека токму со иконостасот е поврзана една случка за време на Втората светска војна.

– Во текот на војната, имавме непријатни напади од авиони, се криевме во скривниците во Кале.  Кога ќе покажеше сирената дека е слободно, излегувавме надвор. Куќата ни беше на местото каде што сега е првата зграда на Градски ѕид, на аголот спроти мостот „Гоце Делчев“. Тоа беше стара куќа. Околу нас беа еврејски куќи. Скопје тогаш беше полно со еврејски куќи. По еден поминат напад, се вративме дома кога едни занаетчии од Дебар Маало што работеа во Старата чаршија, го извикаа татко ми. „Мајстор Нестор, знаеш ли дека ви го зедоа иконостасот?“ „Кој иконостас?“, праша татко ми. А бе иконостасот од црквата „Свети Спас“, Бугарите го пакуваат и ќе го носат со Германците – се сеќава чичко Миле.

Тој и татко му отишле да видат за што се работи и што да видат таму! Иконостасот спакуван во хартија и заврзан со ортоми/јажиња, а до него петмина бугарски војници и исто толку гестаповци.

– Нè гледаа како им приоѓаме, а татко ми ги поздрави на германски, благодарение на тоа што беше полиглот и знаеше повеќе јазици. Каде и да одеше и работеше низ Европа така учеше и јазици. Ги праша како се и што прават. Праша и дали зборуваат француски, романски, турски, англиски. Тоа малку ги заинтригира. Потоа им рече: „Видете, господа, вие сте од една голема сила, која влијае низ цел свет. Имате големи богатства, култура, врвна е Германија. Ова што сакате да го земете, тоа е работено 12 години, го работеа мојот татко, неговиот татко и нивната тајфа од 6-7 души. Јас бев како мало дете и учев занает кај нив, и затоа дојдов да ви кажам дека ова е најголемото богатство на Македонија. Имаме направено неколку вакви иконостаси, кои се бесценети“. Така, на германски, си разврза муабет со нив. Кога одеднаш им се свртеа на Бугарите и почнаа да им викаат. Ништо не ги разбрав, ама веднаш го вратија иконостасот во дворот на црквата – кажува чичко Миле.

За тоа каде бил чуван иконостасот до ослободувањето, чичко Миле слушнал две верзии. Според првата, бил однесен во тогашната општинска зграда која била во близина на црквата, па потоа вратен во „Свети Спас“. Според втората, бил чуван во трезорите на Народна банка до Камениот мост.

– Според мене, деловите од иконостасот не би можеле да бидат чувани во трезорите на банката поради својата габаритност. Но, како и да е, по ослободувањето го викнаа татко ми да го постави иконостасот на неговото место – во црквата. По интензивни разговори со тогашните надлежни, се врати дома и ни рече: „Ќе го кренам иконостасот“. Јас, како мал, секој ден му носев на татко ми јадење што ќе го направеше мајка ми Сирма. Таму имаше две скали на кои се качував и му подавав работи на татко ми и потоа одев на училиште. Татко ми успеа целиот иконостас, кој е многу габаритен, да го спакува, го дотера како што беше. Имаше некои искршени елементи, но ги поправи. Го монтираше како што бил претходно пред вадењето – кажува чичко Нестор.

САРКОФАГОТ

Тој се присетува дека по војната, кога почнала стабилизација на државата, татко му Нестор бил повикан од тогашниот секретар за култура Нико Този итно да направи саркофаг во кој требало да бидат пренесени коските на македонскиот великан Гоце Делчев од Софија во црквата „Свети Спас“.

– Му кажаа за димензиите за саркофагот и татко ми ми рече: „Ајде, синко, влегувај во машинското одделение да спремаме штици, стружење, правење. Го спреми цртежот како што треба и почнавме да работиме. Јас тогаш имав 16 години. Го резбавме не цел месец, имаше време без притисок да работиме. Внатре, во кутијата, се става лименка која ја направија тенекиџии од Старата чаршија и во неа се положија моштите на нашиот великан Гоце Делчев, кои беа ископани од неговиот гроб. За плаќање на завршената работа, ни рекоа: за тоа – потоа. Коските беа донесени во ленена вреќа, ги истурија на маса и татко ми почна да ги чисти од земјата. Му реков: „А бе, татко, што правиш?“, а тој ми се сврти и ми одговори: „Јазикот што ќе извалка, не се мие, а ова е од земја излезено и е дезинфицирано и ништо не фаќа од него“. По чистењето, ги ставивме коските во саркофагот и потоа го носеа по скопските улици и преку Камениот мост го качија нагоре, до црквата – се присетува чичко Миле.

Саркофагот сега се чува внатре во црквата „Свети Спас“, во делот каде што се истакнати револуционери и трофеи. Бидејќи се поминати многу години, чичко Миле вели дека треба да се види во каква состојба е. Бил лично кај поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милеска и ја замолил кога доаѓаат делегации и кога положуваат цвеќе, да кажат збор-два дека саркофагот го изработиле мајстор Нестор и син му Миле.

– Запиша во тефтерот и толку беше. До ден-денес никој ништо не стори. Често пати одам таму. Им реков никој да не го чепка саркофагот додека јас не видам во каква состојба е и јас лично да ја направам конзервацијата. Саркофагот е мачкан со спирт и со шерлак. Тоа е глазура со која се премачкува резбата за да остане долготрајна, да не изгние. Бев таму, го подигнав капакот, беше празен, ги немаше коските, веројатно некаде се погребани или се ставени во мермерниот саркофаг во дворот на црквата „Свети Спас“. Им реков, кога ќе дојде прославата на 4 мај, ставете го резбаниот дрвен саркофаг над мермерниот, затоа што е изрезбан портретот на Гоце Делчев – вели чичко Миле.

КАЈ ТИТО

Нестор потоа работел како професор во тогашното Уметничко училиште во Скопје и таму Миле ги учел тајните на резбарскиот занает. Вели дека тој и татко му се и првите изработувачи на дрвените штафети за Денот на младоста.

– Кога се донесе едногласна одлука да се слави роденденот на Тито, почнаа да стигаат нарачки од цела Југославија за изработка на штафетите (локални и главни). Меѓутоа, најубавата штафета беше од Македонија, затоа што беше специјален филигран со минијатурни изрезбани градби што тогаш масовно се градеа низ Македонија. Штафетата е пресечена на половина, се отвора и внатре се става повелба. Јас и татко ми се отепавме од работа, немав време да учам и наредив 9 двојки во школо. Класната дојде дома кај нас да му каже на татко ми, па тој ме олабави и брзо ги поправив оценките – со возбуда кажува чичко Нестор.

Поттикнати што на Тито за роденден му носеле специјални скапоцени уникатни предмети, како кутии, плакети и слично, Нестор одлучил и тој да направи некаков специјален подарок. Заедно со Миле, одлучил тоа да биде изрезбана рамка за портретот на Тито.

– Ми рече да го спремам цртежот за рамката, ама ни требаше најнова слика од маршалот. Кога дојдов од војска, имав некои врски, па се нафатив да обезбедам фотографија. Отидов во зградата на македонската Влада, таму беше еден кавадарчанец – службеник сликар. Тој го сликаше Тито онаму каде што одеше. Му реков дека ми треба слика на Тито од таа година. Влезе во лабораторијата и ми извади слика според димензиите што му ги кажав. Радосен, дојдов дома, на татко му ја однесов сликата на Тито и почнавме со резбање на рамката. Горе, на самиот состав на рамката, го поставивме грбот на Југославија со сите факли што ги претставуваат сите републики – вели чичко Миле.

Во меѓувреме, побарале да им одобрат лично да му го однесат подарокот на Тито.

– Лелеее! Беше многу тешко. Ми велеа, кој си бе ти, ние не сме биле кај Тито, па ти сакаш да одиш. Не може, ај затвори ја вратата. Ама каде не тропнав на врата да прашам и секаде исто ме одбиваа. Еден ден решив да отидам во синдикатот, кај Гога Николовски, другари бевме. Гога ме прими и беше зачуден што сум дошол кај него. Пиејќи кафе и евоцирајќи спомени од минатите дружења, му кажав дека сме прикрај со подарокот за Тито и дека сакаме да одиме и лично да му го дадеме за неговиот роденден. Гога веднаш се фати за телефонот и го побара маршалатот во Белград. За моја среќа, од другата страна на слушалката беше школски другар на Гога. Му кажа за нашата намера, а тој рече да почекаме и дека ќе ни јави. Многу било тешко да се направат промени во протоколот на прославата на роденденот на Тито, но успеал да нè уфрли и ни се јави да ни каже да се нацртаме на 25 мај во Белград – кажува чичко Миле.  

Радосен, отишол дома, му кажал на татко си дека ја завршил работата и веднаш ги засукале ракавите да ја дозавршат резбата.

– Кога еден ден ни влегува еден непознат човек во работилницата. Нè поздрави и ни рече дека го интересира што работиме. Забележав дека меша во зборењето – те македонски те српски. Татко ми не сфати веднаш затоа што не слушаше добро, а и јас отпрвин. Му реков дека резбаме рамка за Тито и дека ќе одиме кај него. Ни рече, а браво, убаво! Ни рече дека многу е заинтересиран и дека повторно ќе нè посети. Кога дојде по втор пат, татко ми директно го праша: „Добро бе, човече, ти доаѓаш и гледаш што работиме, фино е тоа. Но, имаш ли некоја мака или си дојден онака, како што велиш?“ А тој му одговори: „Чика Несторе, јас сум пратен од маршалат, отворено ти кажувам, да видам на што се работи, во која величина, со која дебелина, што е, како е, поради тоа да не ставите нешто кога ќе одите кај Тито“. Татко ми му рече: „Господ да ме убие ако направиме такво нешто! Не сум ни помислил за тоа“. А човекот само се насмевна и ни рече завршете ја работата и ќе се видиме во Белград – вели чичко Миле.

Гога Николовски им подготвил авионски билети за до Белград, но Нестор не прифатил велејќи: „Господ да чува, јас не одам со авион! На дрво без корен не се качувам“.

– Му кажав на Гога дека татко ми не прифаќа, па ни обезбеди кушет кола и со воз заминавме за Белград. Еден ден порано се сместивме во куќата на една скопска фамилија. И како што дојде денот, според протоколот, пратија лимузина „мерцедес“ по нас. Возачот беше зачуден кога виде дека го бричам татко ми. И така со татко ми избричен и налицкан влеговме во „мерџото“ и се возевме по „Ужичка“, а возачот ни кажуваше кој функционер живее во вилите на Дедиње. Татко ми го праша возачот дали знае да зборува француски, германски. А тој му одговари на српски: „Ние, шоферите, мораме да знаеме барем два јазика, за да ги разбереме што разговараат оние што ги возиме“ – со смеа се присетува чичко Миле.

Пристигнувањето во Белиот дворец на „Ужичка“ 15 било според протокол, кој ги воодушевил.

– Нè пречека една скопјанка, Анкица, која ни рече дека нема потреба да ѝ ги покажеме личните карти, бидејќи таа била определена за нас. Значи, ние претходно сме биле проверени, исцедени што се вика. Чекавме во просториите на Белиот дворец каде што ги пречекуваа тогашните политичари од целиот свет. Нè служеа девојчиња млади како капка. По некое време, нè повикаа кај Тито во големиот салон, а таму делегации од секоја република со по 5-6 члена. Во средина, Јованка и Тито. Татко ми го држев за рака затоа што беше кусоглед. Ни пријдоа двајцата и се поздравија со нас. Тито го праша татко ми за годините, а тој му одговори 91, што многу го воодушеви маршалот. Татко ми му рече дека во годините од животот работел за цареви и кралеви, но дека желба му е на крајот да остави спомен, а тоа е рамката за слика со неговиот портрет, при тоа посакувајќи му долг живот – раскажува чичко Миле.

За убавиот гест, Нестор и Миле добиле од Тито кутија со уникатен подарок.

– Ни даде една кутија, а јас, пак, чекав да се тргнеме настрана да видам што има внатре, кога таму имаше златен рачен часовник од марката „шафхаузен“, рачна изработка, со неговиот потпис. Татко ми беше изненаден и ми рече дека тој подарок му е најважниот од сите што дотогаш ги добил. Ми рече: „Синко, чувај го како очите“, и јас и ден-денеска го чувам – вели чичко Миле.

За одењето кај Тито се расчуло низ Скопје. Кога се вратиле од Белград, ги посетил новинар, брат на Старова, кој напишал статија во весник со наслов: „Мајстор Нестор со син му Миле Алексиевски беа на роденден кај Тито“. Потоа следувал разговор и на телевизија.

УЧИЛНИЦА

Иако длабоко во деветтата деценија од животот, чичко Миле сака да отвори училница по резбарство во училиштето „Вера Циривири- Трена“ во Скопје, со цел на помладите генерации да им го пренесе целото акумулирани знаење за овој занает. Вели дека побарал финансиска помош од Општина Карпош за таа намена, но бил одбиен.

– Ранко Петровиќ од „Буба Мара“ е член во Советот на Општина Карпош. Ме зема пред неколку години како најстар резбар во Македонија, а и од почит кон татко ми, кој го има изработено иконостасот на Влашката црква во Крушево, да соберам резбари и да им држам часови. Се собраа доста луѓе и работевме. Ми рече дека ќе среди работа да се отвори училница по резбарство во училиштето „Вера Циривири- Трена“. Тоа беше објавено во општинскиот билтен. Го викнав другар ми Драги, со неговиот и со мојот алат почнавме да работиме во училницата. Имавме 18-мина ученици. Кога заврши училишната година, се договоривме со директорката на училиштето кога ќе ги завршиме резбите, да се организира резбарска изложба. За да функционира наставата, ни требаа 5 илјади евра. Пресметав дека за едно дете ќе ни требаат по 20 длета, и таа сума одговараше. Мојата сопруга случајно го сретнала градоначалникот Стевчо Јакимовски, му кажала за мојата идеа и за мене и тој ѝ кажал да одам во неговиот кабинет за да се среди работата. Ми вети дека ќе ми даде просторија во новата општинска зграда што се гради, а за возврат да му изрезбам кабинет со тоа што тој ќе обезбеди материјали и ние ќе му го направиме со децата. Меѓутоа, кога праша дали имало предвидени средства да ми се дадат и откако му потврдија од две места, се изнервира и ми рече дека сега не може да ми даде. Јас само му се заблагодарив, си заминав и до ден-денес не ми се јави – вели чичко Миле.  

Светлана БЛАЖЕВСКА

Фото: Монографија: Нестор Алексиев Мирчевски