“Снежана на крајот умира“ првиот долгометражен филм на режисерот Кристијан Ристески, кој е во постпродукција, беше селектиран со уште седум филмови во Works In Progress програмата во рамките на индустриската секција на престижниот Меѓународен филмски фестивал од А-категорија во Карлови Вари. Нивната Works In Progress програма е една од најреспектабилните во светот, а идејата, како што вели Ристески, е да се селектираат филмови со висок уметнички потенцијал кои ќе имаат премиера во текот на следните 12 месеци и да им помогнат на тие филмови да станат повидливи за програмерите на фестивалите, сејлс агентите, дистрибутерите и на дел од филмовите да им помогнат да најдат пари за да ја завршат постпродукцијата…

 

 

 

 

 

 

 

 

Со оглед дека “Снежана на крајот умира“ е Ваш прв долгометражен филм, кажете ни нешто повеќе за него и според Вас колку изборот на актерската екипа влијае на успехот на еден филм, со оглед дека во случајов се работи за познати актерски имиња во Македонија?

„Снежана на крајот умира“ е филм за тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Жанровски е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд. Филмот е серија од 3 приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден врз друг. Продукциска куќа е Вертиго Вижуал, главните улоги ги играат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев, директори на фотографија се Севдије Кастрати и Димо Попов, монтажер е Горан Вуќиќ, сценограф е Сашо Блажевски, а костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска. Мојот филм во голема мера се потпира на актерските изведби. Посветивме огромно внимание на процесот на кастинг, кој беше обемен и долготраен, а пред да почнеме со снимање имавме околу 40 проби со актерите. Многу сум задоволен и од резултатот и од процесот на работа со актерите.

Што значeше за филмот ова претставување во Карлови Вари, поточно на неговата работна верзија, и какви (онлајн) активности, средби и разговори имавте во рамките на програмата изминатите денови, па според тоа и какви се вашите искуства?

Поради корона-кризата, овогодишниот фестивал во Карлови Вари е засега поместен во ноември (во редуцирана верзија), а индустриската секција се одржа онлајн. Со продуцентот Дарко Попов имавме 15-минутна онлајн презентација на филмот и два дена „еден на еден“ состаноци со заинтересираните страни. Уште пред Карлови Вари бевме во преговори со сејлс компании, а во текот на последните два дена ни со обратија уште неколку други. Дел од нив понудија minimum guarantee договори, што значи дека однапред би вложиле во филмот пари потребни за негово завршување, наместо само да наплаќаат процент од продажбата на филмот. Имавме состаноци и со неколку заинтересирани дистрибутери, фестивалски програмери и со раководител на институција за финансирање филмови, што ни отвори уште една можност за дофинансирање на филмот.

Дали филмот досега бил претставуван на слични настани?

„Снежана на крајот умира“ во фазата на развој (пред да биде снимен) беше селектиран на два реномирани програми за развој на сценарио (Sources2 и Мидпоинт) и на два копродукциски маркети (СинеЛинк, во рамките на Сараевскиот филмски фестивал и Балкан филм маркет). На Балкан филм маркет освоивме награда за најдобар пич (презентација). Сите овие учества на индустриските настани го направија филмот видлив за луѓето кои ги носат одлуките во европскиот филм, а таа видливост стана уште поголема по Карлови Вари.

Кои врати му се отвораат понатаму на филмот и кои се вашите следни чекори?

Откако не е нужно да се снима на филмска лента, техничкиот дел од продукцијата на филмовите стана многу поевтин и многукратно се зголеми бројот на продуцирани филмови годишно. Големите фестивали денес имаат по 10-12 илјади апликации. Многу е тешко да се пробиете низ таа „гужва“, ако фестивалските програмери претходно не чуле за филмот. Затоа сме многу задоволни дека сега филмот е видлив за програмерите на фестивалите, сејлс агентите и дистрибутерите. Голем дел од предусловите за успех ги направивме. Успехот сега ќе зависи од фестивалската стратегија и, се разбира, од квалитетот на филмот.

 

Колку сте задоволни од поддршката што ја имате од државата и како според Вас се утврдува и вреднува квалитетот на еден филм во Македонија?

Македонскиот менталитет има една тенденција на колективно воедначување на ниво на некомпетентност. Спокојни сме само кога сме еднакви во некомпетентноста. Ако некој покаже компетентност, ургентно се организира процес на елиминација. Затоа успехот кај нас е инцидент. Истава матрица историски лесно се аплицира и на македонскиот филм. Многу од меѓународно најуспешните македонски филмови биле само симболично финансиски поддржани од државата – „Црно семе“, „Пред дождот“, “Панкот не е мртов“, „Исцелител“. И мојот филм финансиски е поддржан на сличен начин, со околу 50 проценти од буџетот. Македонија е минијатурен пазар и филм на мал јазик како македонскиот нема потенцијал да заработи толку пари колку што се потрошени за негова продукција. Правењето филмови кај нас нема економска логика, но има културна логика – да се произведуваат квалитетни филмови кои ќе останат како културна вредност. Бидејќи како општество имаме отпор кон препознавањето квалитет, нема друг начин да се квантифицира квалитетот на македонските филмови освен преку нивниот меѓународен успех, особено преку учеството на меѓународни фестивали. Тоа е и причината за повисокиот квалитет на нашите филмови последниве години, затоа што за фестивалските учества и награди конкурираат заедно со најдобрите филмови од целиот свет, затоа што се натпреваруваат на светски пазар. Кога се зборува за поддршката од државата, морам да спомнам дека, откако ја имаме оваа ситуација со коронавирусот, Агенцијата за филм покажа вистинска грижа за филмаџиите, главно фриленсери без редовни приходи, и направи неколку чекори за да ни се помогне, без некој пропис да ја обврзува да го направи тоа. За жал, наместо тоа да биде препознаено и од јавноста, во неколку медиуми се оркестрираше хајка против мерките за помош на филмаџиите поттикната од лични анимозитети и лукративни интереси на пар поединци, чиј единствен интерес е да ги задржат привилегиите – за нив и понатаму да не важат законите и правилата што важат за сите други…  (Д.Трајковска)