Регулаторна ќе крои хармонизирана цена за управување со отпадот  

402

Со новиот закон за управување со отпадот кој се очекува да биде донесен пред парламентарните избори во април наредната година, и се дава надлежност на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ја регулира цената за управување со отпад, на ист принцип како што тоа е со цените на водата.

Ова, го најави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски на семинарот што викендов се одржа во Охрид.

– Како што направивме со водите и сега имаме регулирани тарифи за водни услуги, сега ќе имаме регулирана тарифа и за управување со отпад сè со цел да се хармонизираат моменталните цени. Ова не е ништо ново. Во Италија, но и во други земји во Европа, регулаторните тела ги определуваат цените за отпадот – рече Бислимоски. 

Надоместокот во секоја општина е различен и се движи од 1 до 10 евра. Тие големи разлики може да предизвикаат диспаритет кога ќе се воспостави регионалниот систем на депонирање и да не можат сите општини да ги покријат новите трошоци што се однесуваат на управување со регионалната инфраструктура. Ако се хармонизираат тие цени, регионалниот систем ќе заживее.

Од РКЕ бараат од 1 јануари 2021 година регулаторот да определува конечна цена за водата и водните тарифи во општините и таа да важи една година по примерот на одлуките што се носат за цената на електричната енергија кои важат од 1 јули до 30 јуни наредната година.

– Со тоа ќе ја поедноставиме целокупната постапка при определување на  цената за водата и водните услуги, бидејќи сега РКЕ носи решенија за тарифи за водни услуги кои имаат минимална и максимална цена, а потоа во тој опсег треба комуналните претпријатија да изготват соодветен предлог кој после оди на усвојување кај советите на општините – вели Бислимоски.

Доколку РКЕ ја носи конечната одлука за цената секоја општина ќе има обврска да ја спроведува. Сега од носењето на одлуката на РКЕ, која важи од 1 јануари до 31 декември во тековната година, поминува подолг период додека не влезе во сила и не биде одобрена од соодветните совети на општините и се случува да се потврди во март, април или мај и да има проблем при контролата.

-Нашето искуство покажува дека советите на општините се лепат на најниската цена што им ја определуваме за водата, за да им се допаднат на гласачите, а таа не им овозможува развој на општинските комунални претпријатија. Затоа, тие работат со загуби кои им ги покриваат од општинските буџети. За да се добие квалитетна услуга, неопходно е да се формираат цени кои ќе ги одразуваат оправданите трошоци на работењето на Јавните комунални претпријатија, а и оневозможиме неконтролирани партиски вработувања кои го оптоваруваат буџетот на комуналните претпријатија. По тој принцип сакаме да го направиме регулирањето на цените и за отпадот. Знам дека сите ќе фрлаат дрва и камења по нас, но ние сме подготвени за тоа, бидејќи само на тој начин ќе го исклучиме влијанието на политиката и работите ќе тргнат. Очекувам за 6 до 12 месеци да ја донесеме целата законска регулатива – истакна Бислимоски. 

Главна цел која треба да се постигне со новиот Закон за управување со отпад, според Министерсвото за животна средина и просторно планирање е дека со донесувањето на нов закон за управување со отпад ќе се овозможи воспоставување на функционален систем за регионално управување со отпад и изградба на регионални депонии, а истовремено ќе се затворат сите нестандардни депонии и ѓубришта. Воедно, ќе се овозможи регионално собирање, транспорт, селектирање, рециклирање на отпад, како и третман и искористување, со што ќе се зголеми степенот на заштита на здравјето на луѓето и заштита на животната средина, а сето тоа ќе биде чекор напред кон овозможување на циркуларна економија за овој сектор.

(С.Бл.)