Регионалниот пат Тетово – Јажинце проблематичен од повеќе аспекти

178

Вистински предизвик стана управувањето возило по регионалниот патен правец Тетово – Јажинце Р-1203, пат за излез од северниот дел на градот кон Косово или селата од општините Теарце и Јегуновце. Секој возач кој ја поминува првата делница од Тетово до Непроштено во должина од околу пет километри петнаесетина пати треба да подзастане за да ги помине поставените бетонски грпки на патот, попознати како легнати полицајци. Тие се поставени пред повеќе од десетина години од локалното население, во знак на револт поради брзото возење и честите сообраќајки, во кои имало и настрадани пешаци. Оваа делница е и најоштетена, па така има делови од коловозот каде што асфалтот го нема, па може да се види и калдрмата стара педесетина години. Во голем број се и дупките поради кои управувањето возило е сведено на маневрирање за избегнување и возење со брзина од најмногу 10-20 километри на час. Поради грпките и дупките возачите мора да се повнимателни, па се движат пополека, што од друга страна честопати значи создавање долги колони и тешко одвивање на сообраќајот.

Најмногу од грпките има на потегот од последната населба Дреноец во Тетово, што е поврзана со Порој. Во Порој велат дека биле присилени да ги постават грпките бидејќи пред петнаесетина години во неколку наврати имало прегазено и усмртено деца поради брзото возење на несовесни возачи.

– Ние како месна заедница сме побарале да се асфалтира една делница од гробиштата кај Порој до касарната во Тетово. Тоа сега е земјен пат што се користи за да се оди до нивите. Доколку се асфалтира, многу возила ќе може да поминуваат таму и да се намалат сообраќајниот метеж и опасностите по пешаците, изјави Бесмир Зендели од месната заедница во Порој.

Во Џепчиште велат дека од надлежните институции побарале пред повеќе години да се постават семафори или да се гради пешачки натпатник. Според нив, барањата не биле реализирани поради карактеристиката на регионален пат.

Грпките на патот најмногу проблеми им прават на возилата на противпожарната единица, итната медицинска помош и автобуските превозници. Возилата се забавуваат поминувајќи преку нив, иако им е важна секоја секунда заради интервенциите да се спаси човечки живот или имот.

– Поради грпките на патот се губи драгоцено време, тие неколку минути значат многу во нашата работа, со оглед на тоа дека може да спречиме пожар. Истото важи и за брзата помош, изгубеното време може да влијае врз тоа дали нечиј живот ќе биде спасен или не, вели Ука Алити, командант на тетовската противпожарна единица.

Уште во февраури 2018 година тетовската полиција соопшти дека заедно со други државни институции отстраниле дел од нелегално поставени таканаречени легнати полицајци, односно бетонски грпки на патиштата низ регионот. Тогаш најавија дека покрај десетината отстранети на регионалниот пат Р-1206 долж селата што се на потегот од Тетово кон Гостивар, истото ќе се случи и со останатите на другите сообраќајници. Сепак, тоа не се направило досега со најголемиот број, околу 15 нелегално поставени грпки на регионалниот патен правец од Тетово кон Јажинце и граничниот премин кон Косово.

Од Јавното претпријатие за државни патишта на прашањето дали е планирана некаква обнова или подобрување на патот Р-1203 Тетово – Јажинце велат дека според годишната програма за 2019 година, предвидени се неколку активности.

– Рехабилитација на коловозот на делницата Тетово – Порој, со обезбедени средства од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта во висина од 14 милиони денари. Делницата ќе започне со градежни активности во почетокот на јуни 2019, а ќе заврши на крајот на јули 2019 година. За обнова на делницата Непроштено – Пршовце се предвидени осум милиони денари, со почеток мај 2019 и завршување во јуни 2019. За потегот од Вратница до граничен премин Јажинце се предвидени два милиона денари, а градежните работи треба да се одвиваат во текот на јуни 2019 година, информираат од Јавното претријатие во допис до МИА.

Иако во Законот за јавни патишта во членот 39 се вели дека „под заштита на јавен пат се подразбира преземање мерки потребни за спречување недозволени дејства во трупот на патот, патниот и заштитниот појас, поведување прекршочна постапка и постапка за враќање узурпирано земјиште, како и на контрола на вкупната тежина и оскиниот притисок на возилата“ од Јавното претпријатие за државни патишта во дописот наведуваат дека не се надлежни за постапување по отстранување на поставените елементи за забавување на сообраќајот (грпки) од страна на непознати лица.

Од СВР Тетово велат дека за поставување грпки на патот, предвидена е процедура и потребна е согласност од Министерството за внатрешни работи, според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. При евентуално поставување треба да се води грижа за видот на материјалот од што ќе се направи грпката, димензии и слично.

Според Уредбата за утврдување критериуми за категоризација на јавните патишта и нивните ознаки на Јавното претпријатие за државни патишта, патот Тетово – Јажинце Р-1203 претставува „регионален пат од прва категорија” како јавен пат што поврзува подрачја на две или повеќе општини во државата и е од посебно значење за државата.