Револуција во медицината: Успешно пресаден бубрег од свиња кај човек

143

За прв пат во историјата на медицината, хирурзите успешно извршиле трансплантација на бубрег од свиња на човек, а органот, како што велат, „веднаш функционирал нормално“.

Хируршката процедура беше извршена во септември помеѓу генетски модифицирана свиња и пациент со мртов мозок во здравствената болница NYU Langone.

Според странските медиуми, бубрегот бил закачен за крвните садови на пациентот во горниот дел од ногата, надвор од стомакот.

Споменатата свиња била генетски модифицирана за одгледување бубрези со цел човечкото тело да ги прифати, па се случило токму она што било предвидено.

„Сè заврши подобро отколку што можев да очекувам. Бубрезите на починатите луѓе што ги трансплантираме не работат веднаш, им требаат неколку дена, па дури и недели за сè да профункционира, но процедурата веднаш беше успешна кај овој пациент. Операцијата изгледаше како секоја друга трансплантација која досега сум ја извел од жив донор на органи, вели д -р Роберт Монтгомери, директор на Институтот за трансплантација на болницата Лангон во Њујорк.

Овој медицински и историски успех го коментираше и д-р Дори Сегев, професор по хирургија за трансплантација на Медицинскиот факултет Џон Хопкинс.

„Ова е голем напредок, одлична работа за медицината. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се потврди ефективноста на процедурата. Треба да знаеме повеќе за долговечноста на органите“, рече тој.

Некои истражувачи веруваат дека генетски модифицираните бубрези на свињи може да се користат за само неколку месеци.

Сепак, тимот на хирурзи кои ја извршија првата ваква трансплантација сè уште собираат податоци, за да ја објават својата конечна работа со сите релевантни резултати.

„Ние и понатаму сме загрижени дека телото на пациентот на крајот може да го отфрли новиот бубрег, бидејќи долгорочно отфрлање на органи може да се случи дури и со добро усогласени донаторски органи од човечко потекло“, вели д-р Дејвид Класен, главен лекар во Обединетата мрежа за споделување на органи.