Годинава треба да биде отпочнат процесот на конзервација на 20 ликовни дела од Лазар Личеноски кои ќе бидат дел од поставката во Спомен-куќата. Kако што истакна Дита Старова-Ќерими, директор на Националната галерија под чија капа е и овој објект, минатата година беа реставрирани 37 мозаици и 5 зграфита. Од НУ Конзерваторски центар, пак, посочуваат дека најголем дел од водоводот и електриката во објектот е завршен, а ќе се направи и дренажа околу куќата, како и малтерисување на внатрешните ѕидови. Сепак, оттаму посочуваат дека конечната реализација на проектот ќе зависи од средствата што ќе ги добијат од Министерството за култура  

Ревитализацијата на Спомен-куќата на Лазар Личеноски (1901-1964), еден од основоположниците на македонската современа уметност, но и еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж, која долги години беше оставена на забот на времето, е во полн ек. Како што велат од Националната галерија, надлежна установа за заштита на движното културно наследство под чија капа е и овој објект, се преземаат соодветни активности за подготвување на Спомен-куќата на Лазар Личеноски за музејска поставка. Од НУ Конзерваторски центар – Скопје, пак, посочуваат дека етапно и во зависност од добиените средства од Министерството за култура, се преземаат и потребните градежни активност за санација на Музејот „Лазар Личеноски“.

„Според предвидената програма за работа на Националната галерија за 2021, за конзервација и реставрација на 37 мозаици и 5 зграфита од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, во втората половина на годината (септември-декември), беше реализирана првата фаза од проектот. Конзерваторско-реставраторските работи се одвиваа согласно со претходно изготвениот проект и проектната програма, одобрени од Управата за заштита на културното наследство. Направена е фото и техничка документација по завршувањето со процесот на конзервација и реставрација на мозаиците. Фрагментите од мозаиците и зграфитата, по завршената конзерваторско-реставраторска работа, се заштитени со најлон фолии и се сместени во соодветни суви услови. Втората фаза од проектот е во тек и ги опфаќа следните мозаици во Куќата на Личеноски: „Апотеоза на трудот“ (балкон), „Берачка на Лотос“ (влезна врата), фонтана, патека и скали, во двор.

Конзервацијата треба да биде завршена до крајот на мај 2022 година“, посочува Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија. Таа додава дека во текот на 2022 година, согласно со претходно изготвен проект и проектна програма, треба да биде отпочнат и процесот на конзервација на 20 ликовни дела (слики и цртежи) од Лазар Личеноски кои ќе бидат дел од поставката во Спомен-куќата.

Од Конзерваторскиот центар – Скопје, пак, посочуваат дека годинава ќе се работи на архитектурата на објектот, ќе се започнат дренажниот дел и внатрешниот дел согласно со финансиите добиени од Министерството за култура.

„Ќе се направи дренажа околу куќата, во внатрешниот дел ќе се изврши малтерисување на ѕидовите. Завршен е и голем дел од водоводот, поточно доводот и одводот, а завршен е и суштинскиот дел од електриката и се чека приклучување од страна на ЕВН. Работиме етапно, согласно со финансиите и се обидуваме максимално да направиме сè што може да се направи и постојано се надгледува изведбата“, вели Коле Чапканоски, директор на НУ Конзерваторски центар – Скопје.

Од Министерството за култура, од каде што истакнуваат дека заштитата на Куќата на Личеноски останува приоритет на Министерството, од Буџетот за 2022 година се обезбедени еден милион денари за отпочнување на активностите за изведба на дренажниот канал, санација и консолидација на архитектурата, како и еден милион денари за конзервација на 20 ликовни дела на Личеноски.

Инаку, Спомен-куќата на Лазар Личеноски е четвртиот објект во надлежност на Националната галерија, покрај Даут-пашиниот амам, Мала станица и Чифте амам.

Според Старова-Ќерими, Националната галерија постојано вложува максимални напори за обезбедување на сите предуслови за Куќата, конечно, да ја оствари својата намена и да се исполни желбата на семејството Личеноски. Таа во претходниот разговор за весникот ВЕЧЕР изрази надеж дека во што поскоро време Спомен-куќата „Музеј на Лазар Личеноски“ ќе ѝ стане достапна на јавноста во најубаво светло, „така како што сите сакаме да ја видиме“. (Д.Т.)