Реал (М) не сака тикви да сади со Ванда Нара

354

Актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М), е сериозно заинтересиран за услугите на аргентинскиот интернационалец од редовите на ПСЖ, Мауро Икарди. Како што пренесуваат шпанските медиуми, Икарди треба да ја зголеми конкуренцијата во напаѓачката линија на „кралскиот клуб“ кој сака да ја одбрани титулата во Лигата на шампиони и во домашниот шампионат.

Сепак, раководните лица поставиле еден важен услов, тие сакаат директно да преговараат со напаѓачот на францускиот гигант, а не со неговата сопруга и агент, Ванда Нара. Јасно е како ден дека челниците на „кралскиот клуб“ сакаат што е можно помалку да бидат во центарот на фудбалското внимание, а тоа не е можно ако на спротивната страна од преговарачката маса седи атрактивната блондинка која редовно ги полни страните од сите светски познати таблоиди.

Исто така, Реал (М) не сака да си има работа со Ванда која правеше големи проблеми во сите клубови во кои претходно има настапувано аргентинскиот интернационалец. Иако имаше статус на стандарден првотимец и ја носеше капитенската трака, Ванда го убеди Икарди дека треба да ги напушти редовите на италијанскиот калчо гигант Интер. Откако замина од „Џузепе Меаца“, Аргентинецот редовно ја грее клупата за резервни фудбалери на „Паркот на принцовите“ и го загуби своето место во националниот тим.