Реал (М) на сè или ништо, Динамо (З) на нешто

102

Најдоброто од Хрватска, тимот на Динамо (З), можеби го игра најважниот натпревар од групната фаза во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. По историската победа над Аталанта и очекуваниот пораз од Манчестер Сити, популарните „модри“ имаат обврска да останат непоразени на гостувањето во Украина, доколку имаат амбиција да останат во игра за втората позиција во групата која гарантира пласман во 1/8 финалната рунда. Под знак прашалник за дуелот против Шахтјор од Доњецк е репрезентативецот на Македонија, Аријан Адеми, кој заработи незгодна повреда на квалификацискиот дуел против селекцијата на Словенија.

  • Навистина не знам дали ќе играм. Тренирам неколку дена и сигурно дека ќе патувам  во Украина. Точно дека имаме голема шанса и дека многу работи зависат од нас. Мора да бидеме на висина на задачата, да бидеме сконцентрирани како што бевме на претходните натпревари. Ќе дадеме сè од себе за да ги освоиме трите бода. Нема простор за никаква калкулација, изјави Адеми.

Императив, триумф по секоја цена, имаат фудбалерите на шпанскиот гигант Реал (М). Поради двата кикса на почетокот од групната фаза, четата на Зинедин Зидан има обврска да слави на дуелот против домашниот тим на Галатасарај. И покрај сериозниот проблем кој го има со повредените играчи, „кралскиот клуб“ важи за голем фаворит, а, најпосле, игра на очекуваното ниво се очекува од најскапата летна аквизиција Еден Азар.

  • Добро знаеме за што ќе играме во Турција. Знаеме дека мора да играме на победа, дека немаме друга опција. Мора да бидеме максимално фокусирани, затоа што само така ќе победиме. Бејл и Модриќ нема да бидат во комбинација за овој натпревар, а под знак прашалник е Тони Крос. Верувам во моите играчи, нема да се повтори дуелот против Мајорка. Го имаме потребниот квалитет за да обезбедиме пласман во следната рунда, изјави предводникот на Реал (М), Зинедин Зидан.

Денеска на програмата: ГРУПА А: Бриж – ПСЖ, Галатасарај – Реал (М). ГРУПА Б: Олимпијакос – Баерн (М), Тотенхем – Црвена З. ГРУПА Ц: Шахтјор Д. – Динамо (З), Манчестер С. – Аталанта. ГРУПА Д: Атлетико (М) – Леверкузен, Јувентус – Локомотив М.