Реал (М) и Тотенхем го заверуваат билетот

87

Ако се суди според резултатите кои беа постигнати на првите натпревари, тогаш лесно ќе се дојде до заклучок дека утрешните реванш 1/8 финални натпревари од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, ќе биде чиста формалност за фудбалерите на Тотенхем и Реал (М).

Бранителот на тронот, тимот на Реал (М), реванш дуелот на “Сантијаго Бернабеу” против холандскиот преставник Ајакс го стартува со предност од еден гол. Првиот натпревар во Амстердам заврши со минимален триумф на “кралскиот клуб” од 2:1, но и покрај двата во низа порази од Барселона, четата на Сантијаго Солари важи за апсолутен фаворит кога е во прашање пласманот во следната елиминациска рунда.

  • Сите добро знаат дека Реал (М) е сосема поинаков тим кога е во прашање Лигата на шампиони. Нормално дека болат поразите од Барселона, но ние сме наочени кон нашата примарна цел, одбрана на титулата во Лигата на шампиони. Јас нема да бев тука ако не верував дека можеме да го повториме тоа што го направивме во изминатите три години. Рамос ќе ни недостасува, лошо беше сфатена неговата изјава, но има играчи кои можат да го надополнат неговото неиграње, изјави тренерот на Реал (М).

Со уште поубедлива предност, лондонскиот премиерлигаш Тотенхем ќе ја стартува реванш пресметката против германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд. Домаќинот прво има обврска да ја анулира негативата од три гола, но последните резултати говорат дека тоа ќе биде невозможна мисија за “милионерите” од “Сигнал Идуна Парк”.

  • Ќе направиме голема грешка ако мислиме дека се е решено, дека треба само да истрчаме на зелениот терен и да го почекаме последниот судиски свиреж. Очекувам пеколна атмосфера и голем притисок од домаќинот. Клучни ќе бидат првите 15 минути. Доколку го издржиме тој почетен притисок тогаш ќе ни се зголемат шансите за пласман во следната рунда, изјави менаџерот на “петлите”, Маурицио Почетино.