Еден од најдобрите аргентински кошаркари во историјата, Луис Скола (40), е пред враќање во Европа, откако за него интерес покажа екипата на Реал Мадрид, која евидентно има високи амбиции сезонава. Тој би им се придружил на своите сонародници во Реал – Кампасо, Лапровитола и Дек.

И покрај поодминатата возраст, Скола на Мундијалот во Кина покажа дека за него времето како да стои. Ја донесе Аргентина до финале, а во просек постигнуваше 17.9 поени, 8.1 скокови и 1.8 асистенции по натпревар. Скола последен пат во Европа беше во 2007 кога настапуваше за Тау Керамика, сегашна Басконија.