Реал (М) бега од Роналдо како ѓавол од крст

81

Ако се суди според последните информации кои пристигнуваат од Шпанија, Кристијано Роналдо ќе стане персона нон грата во Реал (М). Луѓето кое се задолжени за имиџот на “кралскиот клуб” на социјалните мрежи и на клупската веб-страница го продолжија трендот да го игнорираат португалскиот интернациналец по секоја цена.

Како последен пример може да послужи објавата во која Реал (М0 се пофали со четворицата фудбалери кои се дел од најдобриот тим за 2018 година според УЕФА. На сликата беа Серхио Рамос, Рафаел Варан, Марсело и Лука Модриќ, додека Роналдо елегантно беше елиминиран. Како ден е јасно дека иако сега е играч на италијанскиот калчо гигант Јувентус, Роналдо има голем удел во третата по ред освоена титула во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Шпанскиот гигант на својата веб-страница напиша пофални зборови за играчите кои влегоа во изборот на УЕФА, додека Роналдо беше спомнат само во една реченица. Клупските челници како да заборавиле дека Португалецот цели девет години престојуваше на “Сантијаго Бернабеу” и дека со негова помош беа освоени сите можни трофеии како на домашната, така и на меѓународната сцена.

Исто така, службениот профил на Реал (М) повеќе не го следи Роналдо на најпознатите друштвени мрежи, Твитер, Фејсбук и Инстаграм. За разлика од “кралскиот клуб”, Манчестер Јунајтед и понатаму го следи Португалецот иако напаѓачот пред речиси 10 години си замина од “Олд Трафорд”.

Реал (М) на службената страница има и рубрика која е посветена на легендарните играчи кои повеќе не се дел од клубот. Во прв план се Алфредо ди Стефано и Зинедин Зидан, но не и Роналдо, кој не е ниту спомнат. Според шпанските медиуми, вината за ваквата ситуација може да се побара во очајните резултати кои Реал (М) ги бележи по заминувањето на Роналдо. “Кралскиот клуб” сезонава има постигнато само 28 погодоци или 25 помалку од Барселона, а на седум натпревари нема постигнато ниту еден гол. Со Роналдо во тимот, Реал (М), на 72 натпревари по ред постигнуваше најмалку еден погодок.