Реакција на поранешниот директор на “Макфест“ Стојан Троицки: „Замислете парадокс, не бев ниту протоколарно поканет“!

224

-Како штипјанец и долгогодишен креатор на овој Фестивал не можам да останам рамнодушен, па одлучив да споделам неколку информации.
Во далечната 1989 година бев на Фестивалот „Ваш шлагер сезоне“ во Сараево. Овде присуствуваа скоро сите директори на тогашните најдобри југословенски фестивали. Бевме гости на Никша Дабовиќ, директор на фестивалот. Победи пејачот Сенад из Босне. Но, утредента кога се спремавме да отпатуваме разбравме дека истиот е уапсен, поради местење, лажирање на Фестивалот. Толку.
Вчерашното сведочење на младите учесници ме потсети на таа епизода од Сараево. И овде толку.
Не знам кој го контролира штипскиот фестивал и дали некој се грижи за него или тој служи за саморекламирање на нашите локалци? А некогаш Макфест беше меѓународна манифестација. Прочитав многу лоши информации за состојбите со него иако веќе со години лека-полека се разградува сето она што го сработивме со голем број соработници.

И замислете парадокс. Јас сè уште сум жив и здрав, тука на дофат на локалната самоуправа, а не сум протоколарно поканет на фестивалот, камо ли да бидам повикан за да помогнам да се сопре или спречи понатамошното негово руинирање. Толку. Приказната е многу голема можеби некогаш некој ќе се позанимава со неговата историја, напиша некогашниот директор на Макфест, Стојан Троицки после многуте лоши написи и изјави за штипскиот фестивал, за неговата неорганизираност, нетранспарентност, аматерскиот однос кон сместувањето на новинарите – вљубениците на фестивалот.
По овој негов статус се јавија многумина познати и непознати луѓе кои го поддржале Троицки со една единствена цел, да му се врати на фестивалот. Замислете! А ретко кој знаеше дека човекот е жив и здрав. До толку е сосема тргнат од фестивалот кој тој го измисли и кој го промовираше во странство и во поранешна Југославија. Па и самиот вели „сè уште сум жив и здрав, а не сум ни протоколарно поканет на Макфест“… Да се чудиш што сè ни се случува последните 30 години и со естрадната самостојност! Д.М.