Рашковски го поддржува „Нико фон“ да добие друга локација за катна гаража

316

Од „Нико фон“ тврдат дека добиле поддршка од Драги Рашковски, но не и од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ за предлогот да добие алтернативна локација за изградба на катна гаража на територијата на општина Центар или да биде обесштетен за направените трошоци и изгубената добивка

 

Во разрешување на спорот за парцелата кај „Авто Македонија“ помеѓу општина Центар и фирмата „Нико фон“, се вклучува и генералниот секретаријат на Владата. Од „Нико фон“ тврдат дека добиле поддршка од Драги Рашковски, но не и од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ за предлогот да добие алтернативна локација за изградба на катна гаража на територијата на општина Центар или да биде обесштетен за направените трошоци и изгубената добивка.

– Тој не презеде било каква активност во насока на реализација на размената. Напротив, добивме допис кој го доставил до Државното правобранителство на РСМ, со кој наместо согласност за размена, од него бара поддршка за раскинување на Договорот за купопродажба на земјиштето, заради наводно неблаговремено отпочнување со изградба на објектот –  вели газдата на „Нико фон“, Никола Настески, во писмената изјава до медиумите.

Тој нагласи дека изминативе неколку дена биле изнесени голем број на невистини и инсинуации на негова сметка и на сметка на неговата компанија. Тој вели дека заради таквите невистини, ќе бидат преземени соодветни правни чекори од страна на неговиот адвокат.

– Доколку имаше било какви докази за таквите индиции за сторен криминал, како што тоа сака да го прикаже Општината, сигурно Јавното обвинителство ќе преземеше мерки согласно закон. Со ваквото постапување на Општина Центар, наместо искрено и целосно да се реши проблемот со изградбата на катната гаража, градоначалникот злоупотребувајќи ги граѓаните, не само што не го решава проблемот, туку истиот се продлабочува – смета Настески.

Тој објаснува дека според извод од планот за предметната локација, покрај изградба на катна гаража, била предвидена изградба и на деловен простор со компатибилност од 15 проценти и потврдува дека почетната цена на јавната лицитација била 1.850 денари по квадратен метар и тоа во согласност со позитивните законски прописи.

Настески реагира дека од моментот на купување на земјиштето до денес, во фактичкото владение на парцелата, бил попречуван во завршување на градбата од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Негира дека и покрај правосилноста на пресудата, до денес „ПОЦ“ не му го предава недвижниот имот, испразнет од предмети и ствари.

– Напротив, до ден-денес тој дел од недвижноста која е моја сопственост, „Паркинзи на Општина Центар“ ја користи комерцијално со надоместок и неосновано остварува профит. Последниот обид за предавање во владение беше во петокот, на 15.11.2019, кој исто така заврши неуспешно – вели Настески.

(А.П.)