Рации во Германија поради криумчарење мигранти за работа во месната индустрија

33

Германската полиција денеска изврши рација во над 60 станови и компании во пет сојузни држави во врска со наводното нелегално носење мигранти на работа во месната индустрија.

Неколку големи жаришта на коронавирус неодамна беа во германската месна индустрија главно меѓу работниците донесени од странство и сместени во лоши услови.

Федералната полиција објави дека две компании за привремено вработување се наоѓаат во центарот на истрагата, која во последните шест месеци наводно шверцувала 82 лица, претежно од источна Европа, во Германија.

Никој од наводните организатори не бил уапсен за време на акцијата во Источна и Северна Германија, но истражителите одзеле документи и други докази.

Десет лица од Полска, Украина, Русија и Косово се осомничени за фалсификување документи и лажно пријавување работници како студенти кои работат за време на распуст.

Полицијата проценува дека тие заработиле 1,5 милиони евра преку своите незаконски активности.

Уапсени се повеќе од 20 работници кои наводно користеле фалсификувани студентски документи.

Извор:МИА