Бојан Јовановски денеска не е вратен во затворот во Шутка. Тој е хоспитализиран на интензивна нега во болницата „8 Септември“, потврди за весникот ВЕЧЕР  директорот на затворот, Есад Рахиќ.

Рахиќ вели дека затворскиот лекар по прегледот дал мислење до судот, по што истиот одобрил Јовановски да биде пренесен во болница. – Јовановски е задржан во болницата ”8. Септември” каде ќе му бидат направени неопходни прегледи и неизвесно е до кога ќе биде хоспитализиран, вели Рахиќ за весникот . За тоа колку сериозно е болен Боки 13, Рахиќ не сака да коментира. Вели дека тоа ќе кажат лекарите кои сега ги вршат прегледите.

Во меѓувреме адвокатот на Јовановски вели дека размислува да го повлече барањето за јавна седница на која треба да се одлучува по жалбата за притворот. Според Дуковски ако состојбата му е влошена, тогаш Боки 13 не може да присуствува на седницата. Од тројцата обвинети во случајот „Рекет“ само тој остана со мерка притвор, додека Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец ќе се бранат од домашен притвор.